Започна реконструкцијата на улицата „Калош Дани“ во Карпош - Арсовска и Јакимовски на увид

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска заедно со градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски извршија увид во почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата Калош Дани во општина Карпош.

- Градот Скопје во изминатиот период реализира голем број на капитални инфраструктурни проекти со кои овозможуваме подобра поврзаност и мобилност на граѓаните, како и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот. Екипите на јавното претпријатие Улици и патишта кои работат активно на терен, ќе ги изведат градежните работи на коловозот на улицата во вкупна должина од 2000 метри, а предвидени се соодветни вело и пешачки патеки со што се реализира уште едно ветување од програмата За модерно Скопје, за развој на велосипедската мрежа од приградските населби кон централното градско подрачје, порача Арсовска. 

На оваа локација, потребно е да се изврши реконструкција на секундарната сообраќајна мрежа која во моментов е во многу лоша и руинирана состојба, со огромни ударни дупки и е небезбедна за учесниците во сообраќајот. Реконструкцијата на улицата Калош Дани е од витално значење и се реализира на барање на граѓаните кои се движат секојдневно на овој потег, велат надлежните од Град Скопје. 

Реконструкцијата на оваа улица се реализира со меѓуопштинска соработка меѓу Градот Скопје и Општина Карпош, а градежните работи ги изведува јавното претпријатие „Улици и патишта“.