За еден ипол месец Владата се задолжила за 315 милиони евра или 840% повеќе од истиот период минатата година

Дополнителниот заменик министер за финансии Елена Петрова од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека за само еден ипол месец од оваа година буџетскиот дефицит на државата е зголемен за нови 281 милион евра споредбено со истиот период лани.

- “Од почетокот на годината до распишувањето на изборите Владата се задолжи со нови 315 милиони евра на домашниот пазар и ова задолжување е поголемо за 840 отсто во однос на истиот период минатата година. Тоа во најголем дел се користеше за финансирање на буџетскиот дефицит што беше генериран во овие месеци. Владата потроши многу повеќе средства отколку што прибра од даноци, придонеси и други буџетски приходи. Со тоа генерираше дефицит од 208 милиони евра, што е двојно повеќе во споредба со истиот минатогодишен период.Тоа значи дека ги испружи нозете подолго од можностите, со тоа создаде многу поголеми трошења и задолжувања на грбот на нашите граѓани, истакна Петрова.