Поништен огласот за вработување на 1117 здравствени работници

Оваа вест ја објави дополнителната заменичка министерска во Министерството за финансии Елена Петрова.

„Ако здравствените власти и сите министри за здравство биле искрени и фер, ќе го решеле статусот на работниот однос на здравствените работници многу одамна, не оставајќи ги со години како "договорци". Сега, на крај на политичкиот мандат, "се заглавија" во своите обиди да прикажат дека нешто прават и дека некој друг е виновен, а всушност се работи за "политичко мамење" и играње со судбината на овие лица“ посочи Петрова

Таа посочи дека за поништување на овој оглас ја известиле синдикалните претставници Боби Бојчевски - национален координатор во Независниот синдикат на здравствени работници, Гоце Делчев Тодев - генерален секретар на КСОМ (Конфедерација на синдикални организации на Македонија) и Марјан Ристески - претседател на КСОМ.

„Ова се надоврзува на информациите кои веќе ги споделив во јавноста, дека:

- во Буџетот за 2024 год. не се обезбедени средства за бруто плата за 1,117 здравствени работници (доказ: допис од ФЗО до Владата од 18/03/2024 год.)

- по распишување на изборите, итни и неодложни потреби согласно закон се решаваат во точно определени случаи со вработување на определено време, а не со договор на дело, за што доставив известување до ДКСК.

На состанокот со синдикалните претставници разговаравме и за статусот на лицата кои се на приватни специјализации, усогласувањата на платите со Законот за минимална плата во јавните здравствени установи, како и изедначување на вредноста на бодот за плати на исто ниво во сите установи“ напиша Петрова на нејзинот Фејсбук профил

Таа дополнува дека преку искрен пристап и отворен дијалог ќе се надминат сите проблеми со кои се соочуваат вработените во јавното здравство, со цел да го добијат заслуженото место во општеството.