Петрова: Нема пари за поголеми плати и пензии, не се обезбедени средства ниту за вработување на 1117 здравствени работници

Рекорден буџетски дефицит е остварен во рок од само 3 месеци и изнесува за 126 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година рече дополнителниот заменик министер за финансии во техничката Влада, Елена Петрова. Таа посочи дека нема пари за поголеми плати и пензии, ниту има средства за вработување на 1117 здравствени работници.

„Владата во заминување, како и лани, така и сега пред избори, се расфрла со трошења. За само три месеци и седум дена од оваа година се потрошени три четвртини од планираниот буџетски дефицит за цела 2024 година. Овој дефицит е рекорден и повисок за 126 отсто во однос на истиот период во 2023-та. МФ вчера се пофали со повисока наплата на приходите во Буџетот во однос на минатата година, но работите не стојат сосема така. Наплатата на приходите кај даноците на потрошувачката потфрла, кај ДДВ континуирано, во целиот прв квартал, а кај акцизите во март. Овие приходи бележат потфрлање и покрај одмрзнувањето на цените и растот на инфлацијата во март, што значи дека приватната потрошувачка се намалува, односно граѓаните не купуваат поради високите цени“, рече Петрова на брифингот

Во врска со здравствените работници, објасни дека во Буџетот се обезбедени средства само за исплати на плати по основа на договор за дело.

„Министерството за здравство во јануари годинава сакаше да ја префрли одговорноста за вработување на 1 117 лица, но информациите покажуваат дека во Буџетот на Фондот за здравство и здравствените установи не се обезбедени средства за плати за 1 117 луѓе, туку се обезбедени средства само за исплати по основа на договор за дело. Алармантнто е и барањето на Фондот за здравствено осигурување доставено до Владата во март годинава, за зголемување на буџетот за 2,7 милијарди денари како разлика меѓу утврдениот условен надоместок за лекови и повисоките барања по тој основ од јавните здравствени установи“, рече Петрова.