Во новата зграда на ЕЛЕМ - сала со ленти за трчање и пинг-понг маса

Новиот објект на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) е речиси готов.Се наоѓа спроти хотелот „Бристол“. Неодамна од ЕЛЕМ информираа дека привршуваат градежно-занаетчиските работи на објектот, врз основа на проектот на „Радо инженеринг“.

На фасадата веќе се изведени мотиви од грчката митологија. На покривот, пак, е поставена стилизирана порта со скулптури, на која централно место зазема Зевс со гром во својата рака.

Во моментов  компанијата врши набавка на мебелот.Во новата зграда ќе има две ленти за трчање, четири статични велосипеди, три статични елипсовидни велосипеди, па дури и една маса за пинг-понг со потребната опрема. 

Објектот почна да се гради пред три години и покрај реакциите на дел од јавноста, бидејќи никна на местото на еден од последните паркови во централното градско подрачје. Зградата се гради по идејно решение на Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски.