Во новата барокна зграда: ЕЛЕМ ќе има сала со ленти за трчање и пинг-понг маса

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) процениле дека ќе потрошат околу половина милион евра за мебел за да ја опремат новата административна зграда.

ЕЛЕМ вчера распиша оглас преку кој бара набавка на кожни гарнитури, фотелји, вградени плакари, маси за состаноци, бироа, столици, комоди со фрижидер, украсни масички, шанк-столици... Во новата зграда ќе има и мини-сала за вежбање. Поточно, преку објавениот оглас се бара и набавка на две ленти за трчање, четири статични велосипеди, три статични елипсовидни велосипеди, па дури и една маса за пинг-понг со потребната опрема. Сите велосипеди треба да се оспособени за кардио-вежби. 

Според роковите наведени во објавениот оглас, под услов тој да биде успешен  во првиот обид, ЕЛЕМ ќе се снабди со мебелот и другата опрема околу Нова година.