Во кој поткат на пеколот сме...Јавните личности се молат за среќен крај на исчезнувањето на Вања

И натаму нема трага од исчезнатото 14-годишно девојче во Скопје. Полицијата активно работи на нејзино пронаоѓање откако вчера изутрина нејзината мајка пријавила дека е исчезнат. 

На социјалните мрежи постојано се упатуваат апели за помош при пронаоѓањето, а веќе постери со ликот на Вања се залепени низ центарот на градот. 

Неспокојот јавно го искажаа и голем број јавни личности. 

- Не се сеќавам кога сум била повознемирена. Објавив на инстаграм дека во следните 24 часа мојот профил за било какво ширење на вест или било каква организација ви стои на располагање. Секако без шпекулации и непроверени информации.Се молам за Вања секоја минута, напиша познатата инфлуенсерка Миа Костова. 

- Нели е време на телевизиите да оди кајрон со фотографија од исчезнатата Вања, со телефон од полиција и да покажеме хуманост и општествена одговорност на тој начин? - предлага новинарката Мирослава Симоновска. 

- Цело едно деноноќие како е исчезнато дете, сред бел ден во центарот на Скопје! Цела една вечност од тегобност, која нѐ клука во срце... Во кој поткат на пеколот сме, вели професорката Татјана Алексиќ/ 

- Чекањето и неизвесноста се пеколно тешки во вакви случаи, доволно е човек само да помисли, а тоа што ќе го почувствува не може да е ни одблиску до она низ што врви семејството на Вања. Да се надеваме на крајот на тоа чекање ќе е прегратка што повторно ќе ги обедини, вели инфлуенсерот Божидар Божиновски. 

- Едни изигруваат детективи, други пишуваат молитви. Да се моли човек е и убаво и потребно, ама да пишува молитви на апелот на мајката...На жената секоја нотификација и е стрес...ама толку е свеста кај нас, коментира една скопјанка.