Утре истекува рокот за аплицирање за студентски оброк

Рокот за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023-2024 година, за тековните студенти, истекува утре. Пријавувањето  е преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/.

Како што информираше Министерството за образование и наука во објавениот конкурс,  по завршување на рокот за пријавување, кандидатите кои ги исполниле условите ќе бидат известени за тоа преку порталот каде што ја поднеле својата апликација.

- Потоа, од страна на Шпаркасе банка, со која Министерството за образование и наука склучи нефинансиски договор за реализација на мерката субвенциониран студентски оброк, ќе бидат повикани во некоја од филијалите за да склучат договор за отворање посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка преку која единствено ќе можат да ги користат средствата, соопшти МОН. 

За кандидатите кои ќе стекнат статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, пријавувањето за студентски оброк ќе трае од 1 до 7 октомври.

Можноста за аплицирање потоа ќе биде отворена од 1 до 7 секој нареден месец, за студентите кои претходно од некоја причина не го оствариле правото на овој вид субвенција.