Измени во плаќањето на студентскиот оброк, наместо на дневна средствата ќе се добиваат на неделна основа

Во последните измени на Законот за субвенциониран студентски оброк се предвидува наместо на дневна основа од следниот понеделник паричните средства да се исплаќаат оддеднаш за шест дена во неделата. Ова според министерството за образование е направено по барање на студентските организации и здруженија.

- “Министерството за образование и наука известува дека почнувајќи од следната седмица, секој студент кој го остварува правото на субвенциониран студентски оброк на својата трансакциска сметка ќе добива буџет во износ од 840 денари кои ќе бидат наменети за купување оброк, односно намирници за прехрана и ќе можат да се искористат од понеделник до сабота.На овој начин се зголемува практичноста на законското решение кое досега предвидуваше исплата на 140 денари на дневна основа“ се вели во соопштението на МОН.

Од таму додаваат дека нема промена во условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Рокот за пријавување на студентите кои досега не го оствариле ова право или не ги исполнувале критериумите, е од први до петти секој нареден месец преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.

- “Со оглед на тоа што примената на новото законско решение стапува на сила од 1 март, информираме дека секој студент корисник на правото, овој петок ќе добие средства за двата преостанати дена од седмицата, односно 280 денари“, информираат од МОН.

Од министерството велат дка се почитува волјата на студентите и се исполнуваат нивните барања. Тие и понатаму ќе бидат важен партнер на институција во креирањето на политиките и мерките кои ги засегаат младите.