Училиштата ќе работат во вторник, ќе бидат заклучени само просториите каде ќе биде сместен избирачкиот материјал

Училиштата во кои ќе се одржи гласањето за претседателските избори ќе работат во вторник, ден пред изборите. Ќе бидат заклучени само оние простории каде ќе сместен избирачкиот материјал.

„Тоа е веќе договорено и мислам дека е ставено на веб страницата. Тие училишта ќе работат меѓутоа просториите во кои ќе биде избирачкиот материјал, ќе бидат заклучени и ќе ги обезбедува Министерството за внатрешни работи“, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи следната среда на 24 април.

Заради непречено спроведување на претседателските и парламентарните избори, закажани за 24 април и 8 мај, Владата вчера донесе одлука овие два дена да бидат неработни и да не се одработуваат.