Загрижувачки податоци од истражувањето за безбедноста на учениците во Македонија, само 27% се чуствуваат безбедни кога одат на настава

 

Коалицијата на младински организации „Сега“ организираше панел дискусија „Како до училиште без насилство“ каде беше презентирано истражување во биле опфатени 25 училишта (13 основни и 12 средни училишта), 810 ученици, 370 наставници, 74 стручни соработници и директори, 673 родители.

Во она што можеше да се забележи во рамки на ова истражување е што многу мал број на ученици во Македонија се чувствуваат безбедно во училиштата

- „Само 27% од учениците во Македонија целосно се чувствуваат безбедно во училиштето. За да го превенираме насилството во училиштето мора да се практикува пристапот на суштинско вклучување на учениците и на сите чинители во училиштето (наставници, стручни служби, училишни тела, родители итн)”, изјави Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации „Сега“.

Според учесниците на панелот физичкото насилство се намалува во самите училишта но она што се манифестира е вербалното, социјалното но и психичкото насилство врз учениците.

Панел дискусијата „Како до училиште без насилство” се организираше во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ кој се спроведува од страна на Коалицијата на младински организации „Сега“ во партнерство со македонскиот Центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Смарт Ап – Лабораторија за социјални иновации, а финансиски е поддржан од детската фондација „Песталоци“. Проектот се спроведува во периодот септември 2023 – август 2026 година.

Целта на овој проект е да придонесе кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина. Преку проектот се очекува да се подобри имплементацијата на законските одредби за ученичкото учество во процесите на донесување одлуки и заштита на децата, да се зајакнат капацитетите на основните и средните училишта за превенција и справување со насилство, како и да се унапреди примената на наставни методи и техники кои поддржуваат и промовираат заштита, учество и еднакви можности за сите ученици и ученички.