„Треска“ се урбанизира - нова бетонизација, загадување и сообраќаен хаос во центарот на Скопје

Локацијата на некогашната фабриката „Треска“ наскоро ќе се урбанизира. Дали тоа ќе значи нова бетонизација во центарот на Скопје?

Несомнено да, велат активистите.

- Во овој дел од Скопје ќе спијат повеќе празни станови отколку луѓе. Неколку газди ќе имаат повеќе право да бетонираат и профитираат на сметка на луѓето да имаат пристојни услови за поквалитетен живот, велат активистите. 

И дел од граѓаните револтирани.

- Дали згради како "наполитанки" се подобри од квалитетно урбано планирање. Сообраќајниот хаос ќе биде загарантиран, вели еден скопјанец кој живее во непосредна близина на „Треска“. 

Летово е планирано да почне е градбата на првата зграда.  Две фирми веќе уплатиле комуналии во висина од 800.000 евра на Град Скопје и Општина Центар за изградба на станбено-деловен објект.

Повикувајќи се на информации од Општина Центар, порталот Сдк.мк објави дека ќе се гради објект со висина од 19.20 метри, катноста е приземје, 5 ката и поткровје, а вкупната бруто изградена површина изнесува 6.662 метри квадрати. Станува збор за стaнбено-деловен објект.

Се ветува дека околу станбените блокови ќе има зеленило, парк, пешачки патеки и безбеден простор за децата.

- Оваа локација повеќе нема да биде потенцијална опасност за жителите од околните згради. Од самото затворање на фабриката, оваа локација беше потенцијална опасност не само за граѓаните кои живееја до фабриката туку и за сите жители на Скопје. На напуштениот простор многу често избувнуваа пожари, отпадот кој беше во кругот од фабриката нерасчистен стоеше со години, напуштените погони имаа азбесни покриви, сето тоа потенцијално го загрозуваше здравјето на луѓето, најавуваат локалните власти.

Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски, бараа од инвеститорите во комплексот „Треска“ да се изградат објекти од јавен интерес како и комплексот да има многу зеленило.

Во склоп на комплексот ќе има детска градинка, парк како и над 20% зеленило по градежна парцела.

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ не се откажуваат.

Тие пред Уставниот суд го оспорија Деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да го спречат неговото понатамошно спроведување, коешто сметаат дека ќе нанесе штета на јавниот интерес.

Иницијативата до Уставен е доставена на 14 јули, со образложение дека ДУП-овите треба да бидат во согласност со Генералните урбанистички планови, што не е случај со планот за Буњаковец.

- Планот за Буњаковец, спротивно, предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП-от за Буњаковец се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа, Шанса за Центар и адвокатката Јошевска бараат од Уставниот суд да го стави вон сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина, велат од Шанса за Центар.

- Оваа кусогледост остава несогледлива штета за идните генерации. Погрешното уредување на просторот нема да може да се поправи лесно и едноставно. Станува збор за необновлив ресурс, кој што е трајно загубен кога еднаш е веќе погрешно испланиран и искористен, стои во соопштението од „Шанса за Центар“.

Претходно од „Шанса за Центар“ порачаа дека со ова се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи. 

Останува отворено прашањето зошто јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание, децидни се активистите.