Тина Петрушевска ќе раководи со новото јавно претпријатие за улични кучиња „Лајка“

Активистката за заштита на животните Тина Петрушевска ќе раководи со новото јавно претпријатие за улични кучиња „Лајка“.

Градот Скопје на 28 февруари донесе одлука да се основа ново јавно претпријатие за благосостојба на животни скитници кое, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов, ќе се вика „Лајка“, а ќе биде лоцирано кај Кванташки пазар.

Одлуката помина со 32 гласа „за“ и ниту еден „против“.

Претпријатието ќе се занимава со заловување на улични кучиња, нивно времено сместување во прифатилишта и обезбедување соодветна заштита, контрола на популацијата, редовно хранење и напојување, како и ветеринарно медицински третман на животните скитници на подрачјето на град Скопје.

Како што посочи градоначалникот Шилегов, во рамки на претпријатието ќе функционира и продавница по принцип на подарување или продавање на кучињата што ќе бидат во претпријатието. Ќе може и сопствениците да ги оставаат кучињата со платен надомест да им ги чуваат таму.

Скопјани со години се соочуваат со кучиња скитници низ градот. Градот настојува со преземање мерки согласно постојната законска регулатива да се справи со овој проблем, меѓутоа зачестените напади на кучињата скитници, бројните судски постапки за надомест на штета од оштетени граѓани, притисокот на јавноста и слично, реално бараат поинаков пристап кон решавање на овој горлив проблем.

Цените за заловување на бездомни животни и престој во стационарот ќе се утврдува со посебни ценовници.