Спасовски: Полицијата со 100 отсто ефикасност во расчистување кривични дела поврзани со дрога

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денека, беше во посета на Секторот за внатрешни работи Скопје, организациска единица на МВР, која презема мерки и активности на најголемо подрачје покривајќи територија од речиси 1.800 km2, на која се протегаат 17 општини. Целта на работната посета и на средбата со раководството на овој сектор е во сумирање на резултатите од годината што изминува, во која полициските служби постапувале по над 80.000 пријавени настани, кривични дела, прекршоци, асистенции, обезбедувања на јавни собири, манифестации и натпревари.

Според податоците што беа презентирани пред министерот Спасовски, безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје е на задоволително ниво, а во споредба со истиот период минатата година евидентно е намалувањето на бројот на регистрирани кривични дела и зголемена ефикасност на полицијата во нивно расчистување.

„Особено би споменал дека во 2023 година СВР Скопје бележи значајни резултати во борбата со недозволената трговија со дрога, при што ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела изнесува 100 %, а кај делата од областа на насилниот криминал евидентирана е ефективност од високи 59 %. Имено, на ова подрачје во изминатиот период откриени се три нелегални лаборатории за производство на марихуана и синтетички дроги, поточно амфетамин, и тоа во март, октомври и ноември годинава. При извршени 129 претреси во дом и други простории лишени од слобода се 612 лица, вкупно се поднесени 125 кривични пријави, а за одбележување е зголемената заплена на сите видови наркотични дроги, и тоа: 164 кг марихуана, 325 стебла марихуана, околу 3.500 МДМА-таблети, 400 г кокаин, 1,2 кг хероин и 8,8 кг амфетамин. Во делот на шверцот со оружје, како уште еден стратешки приоритет на МВР, СВР Скопје исто така бележи солидни резултати со поднесени 39 кривични пријави со кои се опфатени 43 лица“, истакна Спасовски.

Според Спасовски, ефективноста во реализацијата на делата од класичниот криминалитет изнесува 11 %, кај економскиот криминал 51 %, а кај делата од организираниот криминал е 40 %. За одбележување е бројката од 345 приведени лица од страна на тимот потраги при СВР Скопје, кои биле барани по распишани потерници, за издржување или доиздржување затворски казни, но и за истражни дејства на барање на обвинителствата.

„Во периодот јануари – октомври 2023 година во споредба со истиот период лани евидентирано е намалување на регистрираните кривични дела од економски криминал за -28 %, за разбојништво – 33 %, а зголемена е ефикасноста за 46 % во откривање сторители на кривични дела од имотен криминал. Годинава, зголемена е откривачката функција за бесправна сеча и кражба на огревно дрво за 150 %. Покрај ова, постапувајќи по стратешките приоритети, заклучно со октомври 2023, евидентирано е намалување за 23 % на кривичните дела насилство. За одбележување се и 388 активности од Одделението за превенција при СВР Скопје, кои во изминатиот период спроведоа значајни кампањи, проекти и активности за заштита од повеќе области на криминал“, рече Спасовски
Министерот Спасовски се осврна и на неколкуте оперативни планови на подрачјето на СВР Скопје со цел одржување поволен јавен ред и мир и стабилна безбедносна состојба, меѓу кои „Безбедно лето“, „Безбеден град“, како и акциски контроли по разни основи. За илустрација, само во рамките на планот „Безбедно лето“, 894 кривични дела се комплетно расчистени со поднесени кривични пријави против 824 сторители.