Скопската Зоолошка ќе го одбележува денот на лавовите, а во меѓувреме молк за угинатите коњи

Од скопската Зоолошка градинка упатија отворена покана за одбележување на 10. август - Светски ден на лавот.

-Во Зоолошката градина во Скопје живеат осум единки во четири живеалишта од различни подвидови на овој кралски животински вид. Да го одбележиме овој светски ден на “кралот на животните“ заедно, во четврток од 11 часот на Видиковецот од каде може да ги видите сите наши жители, се вели во нивната објава на фејсбук. 

Во меѓувреме, сѐ уште е молк од Зоолошката градина-Скопје за угинатите коњи од монголската раса. Претходно дел од вработените порачаа дека смртните случаи на животните во градината се резултат на политички препукувања или пак, станува збор за некој монструм кој ги „убива“ животните. 

- Ако некого најмногу го боли загубата на некое животно, тоа сме ние. Исто како да сме изгубиле близок, боли кога ќе не напушти некое животно, бидејќи даваме се од себе да добијат првокласна храна, да имаат постојано свежа вода, грижа, љубов и внимание. Смртта на трите преживалски коњи длабоко не погоди сите и сметаме дека се работи за некој монструм скриен меѓу нас или некој однадвор што работи за политички цели. Не можеме да разбереме како некој може да се одмаздува преку смрт на невини животни. Коњи кои беа сосема здрави, кои од кога беа дојдени кај нас никогаш не се разболеа, а сега одеднаш еден по друг ненадејно умреа… се вели во нивниот допис до медиумите од пред неколку дена. 

- Јасно е дека се работи за намерно убивање на овие прекрасни суштества, но постојат и многу други диверзии кои се прават како хајка заради нечие лично незадоволство или политички поени. Имавме дури и смрт на жирафа, поради ветеринарката која ненавремено и несоодветно постапи во лекувањето, а против неа е поднесена и кривична пријава и веќе не работи во зоолошката. Во опасност се изложени и сите чесни вработени, кои страдаат цел овој период, гледајќи како се случуваат несфатливи работи кои само психопат би ги направил, додаваат дел од вработените.