Скопје е метропола без дежурен супермаркет

Музеи, нови и стари градби полни со историја, стара скопска чаршија која предизвикува восхит кај сите туристи и гостопримливи граѓани се само дел од убавините кои што ги нуди Скопје на туристите кои од година во година во се поголем број доаѓаат во посета на нашиот град. Главниот град прераснува во метропола и се почесто се наоѓа на агендата на туристите, но секако има и недостатоци кои му фалат на Скопје. Еден од тие недостатоци е маркет кој би работел до доцна во ноќта и би бил достапен за сите граѓани, како и за туристите кои се тука. После 22 часот скоро и да не може да се најде маркет за пазарење, освен неколкуте тобака кои работат 24 часа и секако бензинските пумпи. Дел од граѓаните реагираат дека доколку Скопје прераснува во метропола потребно е и така да се однесува со тоа што некои од најголемите маркети би биле отворени до подоцнежните часови, како што е тоа случај во многу европски градови.

-Скопје прераснува во метропола и градот се повеќе се шири и сметам дека треба да има барем еден маркет кој би работел барем еден час после полноќ. Тоа го има во многу европски градови, па како на сите граѓани кои живееме тука така и на туристите кои секојдневно ги гледаме во нашиот град би им бил потребен, вели Зоран од скопската населба Ново Лисиче.

Малото истражување кое го направи Скопје Инфо говори дека ниту еден од поголемите брендови нема свој продажбен објект кој што работи после 23 часот. Според информациите објавени на нивните веб страни, најголемиот дел завршуваат со работа во 22 часот. Уште поголем проблем е неточните информации кои дополнително ги збунуваат граѓаните.

На веб страната на една од компаниите забележав дека нивниот маркет лоциран во населбата Хром работи до 23 часот, по што поминав 5-6 километри за да стигнат и набавам тоа што ми треба. Пристигнав неколку минути после 22 часот, продавачите ме известија дека тие веќе затвараат и не можат да ме услужат, вели Катерина од скопската населба Сарај.