Што води Арсовска, туристичка агенција или град - колку чинат патувањата на градоначалничката?

Градоначалничка Данела Арсовска за разлика од нејзините претходници многу патува надвор од Македонија. Со оглед дека Арсовска извршува јавна функција која се плаќа од џебот на граѓаните, а воедно патувањата кои ги остварува градоначалничката доѓаат од парите на скопјани, Скопје инфо постави прашања до Арсовска за тоа колку чинат посетите што таа ги остварува во другите држави. Прашањата на градоначалничката и ги поставивме пред повеќе од два месеца каде притоа ја прашавме колку чинат тие патувања и кои луѓе ги носи таа со себе и притоа побаравме да ни достави документ. Сметавме дека таква информација не би преставувала проблем да се сподели со јавноста но и покрај нашето барање одговор од нејзе не добивме.

За овие патувања јавноста не е информирана од страна на кабинетот на Арсовска и речиси сите информации доаѓаат од нејзиниот Фејсбук профил откако таа ќе објави фотографии од местото каде присуствува. Имено познавајќи ја комуникацијата на градоначалничката Арсовска со медиумите не ни очекувавме дека ќе ни врати на било кое од нашите прашање затоа ги искористивме јавно достапните информации и фотографии да преброиме на колку патувања била Арсовска. Како таргет ги земавме патувањата во последните 6 месеци и изборивме дека Арсовска била на вкупно 10 патувања надвор од Македонија

Најновото патување датира од вчера каде повторно градоначалничката преку својот профил извести дека се наоѓа во Стразбур и присуствуа на Конгресот локални и регионални власти на Советот на Европа - Council of Europe. Таа дополнително објави дека е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција на локално и регионално ниво.

Градоначалничката постираше фотографии од нејзе и нејзиниот тим како што си има обичај да си вика што значи дека и на ова патување со себе повела неколкучлена делегација од Град Скопје за кои се плаќа дополнително спиење, дневници, патување од парите на граѓаните за кои апсолутно нема никаков отчет.

Но да се вратиме наназад, да видиме на кои се места била присутна градоначалничката во последниве 6 месеци. Така на 14.12.2023 година Арсовска била присутна на 10-тата Конференција при Конвенцијата на Обединетите нации против корупција, чиј домаќин се САД и со која претседава Координаторот на Стејт Департментот за глобална антикорупција Ричард Нефеј. Тука Градоначалничката објави дека била поканета како лидер на локално ниво во градење на доверба каде учестувала на панел заедно со извршниот директор на Мрежата на силни градови Ерик Росанд и директорката на програмата за владеење на право на Картер Центарот од САД Лаура Њуман.

На 03.12.2023 година или една недела пред патувањето во САД, Арсовска учестувала на Самитот COP28, кој се одржува во Обединетите Арапски Емирати, а во чии рамки светските лидери се состануваат за градење политики за климатските промени, каде како што објавила таа самата е дел од групата градоначалници на грантовата програма на COP28 Локалниот самит за климатски активности, каде Град Скопје е претставен со успехот и отворањето на првата јавна биотехнолошка лабораторија во Македонија и регионот.

Октомври месец за Арсовска е можеби најпродуктивниот месец во историјата на Град Скопје кога се работи за посети надвор од Македонија. Арсовска во овој месец направила дури 6 посети на странски држави или во просек секоја недела била отидена некаде. На 24.10.2023 се обратила во Советот на Европа во Стразбур на Конгресот на локални и регионални власти во улога на претседател на Форум на градоначалници при Обединетите Нации.

На 20.10.2023 година била во Вашингтон на глобалниот настан за градоначалници CityLab 2023 во Вашингтон во организација на Bloomberg каде остварла средби со градоначалници од САД, креатори на политики, урбани експерти и иноватори, посветени кон изнаоѓање заеднички конкретни решенија за справување со предизвиците со кои се соочуваат градовите напиша таа.

На 13.10.2023, Арсовска ја посетила Тирана во првиот регионален форум на локални самоуправи за западен Балкан организиран од Советот за регионална соработка, Налас и градот Тирана заедно со градоначалници и заменици на главните градови Тирана, Подгорица, Приштина и Сараево разговаравме за зелена трансформација на градовите во регионот, кои се предизвиците и можностите за нивно надминување.

Понатаму во рамки на нејзините патувања има интересно движење на патувањата на градоначалничката Арсовска. Имено таа на 06.10.2023 е во посета на Грузија, поточно во Батуми каде учестува на регионалниот форум организиран од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија DG NEAR и Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, со фокус на тоа како да се решат сложените предизвици на локалната самоуправа преку зелена и инклузивна трансформација на градовите и користење јавно-приватни фондови за да се поттикнат растот и иновациите. Наредниот ден на 07.10.2023 година се враќа во Скопје, учестува на настан организан од Град Скопје и истиот ден заминува за Истанбул да присустува на 52-то генерално собрание на Европскиот олимписки комитет каде официјално ја потпишува ратификацијата за одржување на Европските младински олимписки игри во Скопје 2025 година со раководството на Европскиот олимписки комитет и Македонскиот олимписки комитет. Таа тука соопштува дека во Скопје ќе се одржат младински олимписки игри каде се очекува да учествуваат повеќе од 4.000 млади спортисти од 50 европски држави, кои ќе се натпреваруваат во 14 олимписки спортови.

Арсовска на 03.10.2023 година е пристуна во Женева, Швајцарија каде како што самата има објавено заедно со нејзиниот тим ќе учествуваат директно во формирањето на програмата на Комитетот за урбан развој, домување и управување со земјиштето на ОН и преку усвојување на декларации ќе учествуваме во креирање на меѓународните политики за локалните власти.

И за крај на оваа наша хронологија на 11.09.2023 Арсовска е во посета на Вашингтон каде остварува средби со повеќемина високи претставници на Стејт Департментот во врска со проектот поддржан од САД за ефикасно управување со финансии и ресурси на локалната самоуправа.

Од она што дојдовме до заклучок е дека градоначалничката Арсовска за разлика од нејзините претходници многу патува. Со себе носи тим на кој освен платени авионски карти и спиење се исплаќаат и дневници. Овие патувања ги финансираат граѓаните на град Скопје кои заслужуваат да знаат колку чинат овие патувања. Досегашната пракса со градоначалничката Арсовска покажа дека таа не е транспаретна ниту отчетна како што кажуваше кога до доби мандатот од граѓаните. Одговор од неа и од нејзиниот кабинет не може да се добие од кои причини само таа и луѓето околу неа си знаат.