„Секојдневно имаше гранати и пукање, беше едноставно страшно“ – Пристигнаа евакуираните македонски граѓани од Израел

Македонските државјани кои беа евакуирани од Израел пристигнаа денеска со бесплатен авионски превоз на Меѓународниот аеродром во Скопје.

Авионскиот превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, беше организиран согласно одлуката донесена од страна на Владата, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.

Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.

Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.

- Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Владата. 

- Живеемеме во Израел седум месеци, и беше убаво, но таму се пукаше и беше многу лошо, критично. Пред некој ден беа фрлени 10 гранати. Останаа таму уште од Македонија, ама ние си дојдовме, рече Марица Јаневска од Куманово.