Се работи на проектот за новата Универзална сала, еве како ќе изгледа

Се' уште се работи на проектите за реконструкција на Универзална сала, иако проектирањето за старо-новиот објект веќе требаше да биде готово.

Рокот за завршување на процедурата бил продолжен за три месеци. Тоа значи дека дури во февруари се очекува да бидат готови проектите, односно да заврши нарачаната измена и дополнување на проектите за реконструкција, со вклучена ревизија во сите фази од проектирањето вклучувајќи и елаборати. Потоа ќе се распише оглас за избор на изведувач.

Летово, откако во јавноста беа пласирани информации и слики од новиот изглед на објектот, кој беше налик на градбите во стилот на „Скопје 2014“, надлежните категорично демантираа. Потенцираа дека објектот нема да има стилска фасада. Носител на проектот за старо-нова Универзална сала е самата институција, а доградбата ќе биде финансирана со средства од владиниот буџет. 

Пред половина година беше сменет неколкугодишниот план и идеја за изградба на комплетно нов концертен објект, за што дури беше избран и проект. Но, во меѓувреме надлежните одлучија дека поисплатливо било постојниот објект да се прошири и догради. Најавено е дека новата Универзална сала во основа ќе го задржи изгледот. Ќе ја има препознатливата купола, а ќе биде решено и паркирањето. Постојниот објект ќе добие 200 седишта повеќе, поголем влезен дел и фоаје, гардероби за публиката, надворешна застаклена галерија на две нивоа околу целиот објект со угостителски простор, како и комерцијални содржини кои ќе му помогнат на објектот да се издржува со самофинансирање.