Се огласи градоначалникот на Ѓорче во врска со опасната депонија

Градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Стојкоски се огласи во однос на лоцирањето на опасната депонија во близина на општината

-Поради новонастанатата ситуација и лоцирањето на новата депонија на територијата на општина Ѓорче Петров, каде беше утврдено дека се депонирале огромни количини на отпад од преработка на акумулатори и батерии кои што не се дозволени за одлагање на местото каде што ги затекнавме, чувствувам должност да ги известам жителите на Ѓорче Петров за деталите поврзани со овој случај, порача тој на почетокот на обраќањето. 

При редовната обиколка на 10.10.2023 од страна на инспекторатот за животна средина при Општина Ѓорче Петров беше лоцирано одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии, што според Законот за отпад е недозволиво.

- Овластениот инспектор за животна средина, од Општина Ѓорче Петров, по службена должност започна инспекциска постапка и при тоа издаде решение на ден 18.10.2023 година со кое им се наредува на сопствениците на земјиштето дислокација на опасниот отпад од катастарските парцели КП 248/3 КО Орман – с. Орман на соодветна локација за тоа во рок од 30 дена од денот на приемот на решението. Важно е да се напомене дека овој случај беше откриен и третиран најпрво од Општина Ѓорче Петров, односно инспекциската служба, којашто покажа дека кога станува збор за кршење на законите, нема пардон за никого, вели Стојкоски. 

Тој порача дека искрено верува дека овој случај ќе биде расчистен како што предвидуваат законите и правилата, односно да бидат санкционирани предизвикувачот на ова еколошко загадување, како и да се утврди потеклото на отпадот.

- Остануваме фокусирани и посветени се до финалното решение на овој проблем, рече Стојкоски.