Се излеа Вардар кај Зелениково

Центарот за управување со кризи побара намалување на истекот на Козјак и Матка по добиените известувања преку бројот за итни повици 112 во регионалниот ЦУК Скопје дека се има излеано во реонот на Зелениково и има зафатено 15 до 20 метри од нивите, а доколку се зголеми водостојот на водата постои опасност од поголемо излевање и можност од поплавување на куќите.

– Вечерва, Центарот за управување со кризи за да се заштити населението покрај Вардар во Зелениково и Велешко од поплава побара да се пристапи кон намалување на истекот на вода од хидроакумулациите Козјак и Матка, за време на поплавниот речен бран на Вардар во Општина Зелениково – наплив во дел на реката Вардар, по пријавите од излевање на реката во нивите и опасност од поплавување на куќите во Зелениково, известија вчера од ЦУК.

Хидроелектраната „Св. Петка“ е исклучена, а во ХЕЦ Козјак е оставен да работи само еден агрегат со цел да се намали нивото на реката Вардар, соопшти вечерва АД ЕСМ.

– По информацијата за покаченото ниво на реката Вардар, во координација со ЦУК, од страна на АД ЕСМ е пристапено кон промена на режимот на работа на хидроелектраните во склоп на хидросистемот Треска. Намалено е производството на електрична енергија од хидроелектраната Козјак, каде е оставен во функција само еден агрегат, додека хидроелектраната Св. Петка е надвор од употреба. Не работи и хидроелектраната Матка која е во сопственост на ЕВН, информираа вчеравечер од АД ЕСМ.