Прогласени најуспешните спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје за 2017 година

Во салата на Советот на Град Скопје денеска беа прогласени најуспешните спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје, за 2017 година.

Традиционално и оваа година Градот Скопје и Сојузот на спортски федерации на Македонија ги наградуваат најуспешните спортисти на Скопје за 2017 година, односно се избираат најуспешните 10 спортисти во сениорска категорија (жени и мажи), најуспешните 5 спортисти во младинска категорија (жени и мажи), најуспешен тренер, најуспешна спортска екипа од Скопје, најуспешен спортист/ка – странец кој настапува во екипа од Скопје и најуспешен спортист/ка во категоријата на лица со посебни потреби.

Дел од признанијата за најуспешните спортисти ги додели заменик-градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи.

- Горд сум што денеска имам можност да Ве поздравам, да Ви честитам и да се дружам со Вас. Постигнавте извонредни резултати на најсилни европски и светски натпревари, претставувајќи го достоинствено нашето Скопје. Дозволете ми веднаш и од срце да Ви честитам што успеавте да постигнете резултати за почит, резултати за голема афирмација на главниот град и на Република Македонија - изјави заменик-градоначалникот Енвер Малиќи.

Тој, исто така, нагласи дека скромните парични награди што изминатите години беа издвојувани од буџетот на Град Скопје, наредната година ќе бидат двојно зголемени, односно од 300.000 на 600.000 денари, со една единствена цел – поддршка на спортот и спортистите коишто работат на спортската промоција на Градот на првенствата и натпреварите низ светот.

Инаку, покрај вложувањата во врвниот, рекреативниот, масовниот и во спортот за лица со посебни потреби во рамките на можностите, Градот Скопје најмногу вложува во средноучилишниот спорт, односно во иднината на македонскиот спорт.

Спортисти на годината на Скопје за 2017 година се:

Најуспешни 10 спортисти во сениорска категорија во сениорска категорија (жени и мажи)

1. Стојанче Стоилов - Ракометен клуб Вардар

Учесник во Лигата на Шампиони 2016/2017 и со својот клуб го освои првото место во Лига на Шампиони во ракомет на завршниот финал – фор турнир во Келн, Германија.

2. Дејан Георгиевски - Таеквандо клуб Бутел

Прво место на европско сениорско првенство одржано во Софија – Бугарија.

3. Сара Ристевска - Женски ракометен клуб Вардар

Учесник во Лигата на Шампиони 2016/2017 и со својот клуб го освои второто место во Лига на шампиони во Будимпешта – Унгарија.

4. Сара Радичевска - Карате клуб Макпетрол

5-то место на Европско првенство во Коџаели, Турција.

5. Евгениј Поп Ацев - Академски пливачко ватерполо клуб Студент

Прво место на светска ранг листа во далечинско пливање.

6. Ненад Келебиќ - Карате клуб Цветан Димов

Освоено трето место на Балканско првенство и 46-ти на светската ранг листа.

7. Берна Шерифовска - Џудо клуб Миоки

Трето место на Балканско првенство за сениори во Скопје.

8. Енес Смајлагиќ - Карате клуб Цветан Димов

Освоено трето место на Балканско првенство и 55-ти на светската ранг листа.

9. Дрита Ислами - Атлетски клуб Работнички

Прво место во ЕП – трета дивизија, 400 метри пречки и 5-то место на ЕП, трета дивизија, 200 метри.

10. Бобан Николов - Фудбалски клуб Вардар

Учество со својот клуб во група во Лига Европа на УЕФА, каде што за прв пат во историјата се натпреварува македонски клуб.

Најуспешни 5 спортисти во младинска категорија (жени и мажи)

1. Петар Заборски – Карате клуб Макпетрол

Бронзен медал на Европско првенство во Софија – Бугарија, У21.

2. Филип Кузмановски – Ракометен клуб Металург

Член во младинската репрезентација и освоено 6 место на светското првенство во Алжир, У21.

3. Моника Пендаровска – Карате клуб Макпетрол

Златен медал на балканско првенство во Херцег Нови, Црна Гора.

4. Елмедин Сејфулаху - Боречки клуб Лирија 2010

Второ место на балканско првенство во Бурса, Турција.

5. Хамза Јашари – Џудо клуб Миоки

Трето место на балканското првенство за кадети, и петто место на европското првенство за кадети.

Категорија најталентиран млад спортист - кадет за 2017 година

1. Аид Салихаси - Боречки клуб Тефејуз

Освоено прво место на балканско првенство во Словенија.

Најуспешен тренер

1. Раул Гонзалес – Ракометен клуб Вардар

Учесник во Лигата на Шампиони 2016/2017 и со својот клуб го освои првото место во Лига на Шампиони во ракомет на завршниот финал – фор турнир во Келн, Германија.

Најуспешна спортска екипа од Скопје

1. Ракометен клуб Вардар

Клупски европски шампион за 2017 година, освоено прво место на завршниот финал – фор турнир во Келн, Германија.

Најуспешен спортист - странец кој настапува во екипа од Скопје

1. Арпад Штербик – Ракометен клуб Вардар

Учесник во Лигата на Шампиони 2016/2017 и со својот клуб го освои првото место во Лига на Шампиони во ракомет на завршниот финал – фор турнир во Келн, Германија и прогласен за најдобар ракометар во светот за 2017 година.

Најуспешен спортист во категоријата на лица со посебни потреби

1. Андреј Стојаноски – Пливачки клуб Бета

Освоено четврто место на Олимпијадата за глуви во дисциплините 400 метри мешано и 400 метри слободно, одржана во Самсунг, Турција.

2. Флоренс Герет – Пливачки клуб Бета

Освоено прво место во дисциплина 50 метри грбно на европското првенство за лица со даунов синдром, одржано во Париз, Франција.