Проф. Трајковски за смртноста од ковид: Загубен град со големина помеѓу Свети Николе и Крива Паланка

Професорот Дејан Трајковски во својаа најнова ковид анализа ја разгледува смртноста од ковид во земјава. 

-Најновите пресметки на одвишната смртност од почетокот на епидемијата заклучно со 30.09.2021, врз основа на ноемврискиот билтен на Државниот завод за статистика, кажуваат дека бројот на одвишни умрени, над очекуваната сезонска смртност, изнесува 12.133 лица (со 95% интервал на доверба од 11.408 до 12.857 лица). Вкупната смртност за 18 месеци епидемија, заедно со одвишната, е за 41,2% поголема од очекуваната сезонска смртност. Одвишната смртност, пак, е за 81,8% (95% инт. на доверба од 71% до 92,7%) поголема од официјалната ковид смртност (таканаречена необјаснета одвишна смртност), објаснува тој. 

-Нека ни зборуваат уште дека добро сме се справиле со епидемијата на ковид-19, констатира Трајковски. 

-Доколку овие множители ги примениме врз смртноста заклучно со 08.12.2021, се добива дека одвишната смртност за време на пандемијата (официјално потврдени починати од ковид, но и нетестирани и нерегистрирани, т.е. починати во домашни услови, како и индиректни жртви на ковид поради нелекување на други болести) изнесува околу 13.993 починати (95% инт. на доверба од 13.157 до 14.828 починати). Ова одговара на загубен град со големина помеѓу Свети Николе и Крива Паланка, анализира професорот.