Ќе донесат ли празничните собири раст на ковид бројките - Ова е ставот на проф.Трајковски

Професорот Дејан Трајковски предупредува дека ќе има раст на бројот на новозаразени од ковид поради празничните собирања. 

-Зголемувањето на дневните бројки на новодијагностицирани минатиот вторник го толкувавме како зголемување после малиот број тестирања поради продолжениот викенд за Велигден. Меѓутоа, споредувајќи викенд со викенд (обата продолжени), сега случајноста можеме да ја исклучиме - се работи за зголемена преносливост поради Велигденските прослави. Допрва ни претстои зголемување и поради првомајските собири и бајрамските прослави, но тоа ќе го видиме после неколку дена, наведува тој во својата најнова ковид-анализа. 

-Не сме единствени, на Балканот слично зголемување забележуваме во Грција, Хрватска Црна Гора, а по малку и во Бугарија и Романија. Поради католичкиот Велигден, којшто дојде порано отколку православниот, растот на бројките таму исто така дојде порано, но веќе се забележува мини врвот и веројатно наскоро ќе започне намалувањето, освен во Грција, појаснува тој. 

Трајковски смета дека доаѓањето на летото, како и високата стапка на прележаност и вакцинираност не би требало да дозволат некакво големо избувнување - барем не до почетокот на есента.

-Сé на сé, далеку сме од драматичните настани во претходните четири бранови. Со толку малку смртни случаи, коишто се јавуваат речиси исклучиво кај лицата со коморбидитети, населението повеќе речиси не се плаши од корона вирусите, констатира професорот.