Од Драмски театар-Скопје со жалење ја известија јавноста дека во 77. година од животот почина нивниот колега, актерот Мето Јовановски.
- Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Мето Јовановски целиот работен стаж го помина како член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Од дипломирањето во 1971 година кога застана на сцената на Драмски со претставата „Што виде собарот“, во себе ја носеше истата жар за професијата. Мето замина во легендите само дваесет дена откако на 26ти октомври бравурозно ја изигра својата последна претстава на „My name is Goran Stefanovski“, се вели во соопштението од Драмски.
- Македонската и регионалната публика останува без актер кој ќе го памети по неговата харизма, а колегите актери по творечката енергија што ја пренесуваше до последниот свој здив. Се простуваме од бардот на македонското глумиште и изразуваме сочувство до почитувачите на големиот Мето Јовановски. Дополнително со семејството ќе известиме за оддржувањето на комеморацијата во Драмски театар Скопје. Вечна му слава!, додаваат неговите колеги од Драмски.
Со емотивна објава на фејсбук, од големиот Јовановски се прости и режисерот Јани Бојаџи.
- Почина Мето Јовановски. Си одат големите. Тивко, на прсти, нечујно и неважно. Почина најголемиот од сите. Беше бура, одеше одважно, гласен на сцена и во кадар, беше најважното нешто од светот на актерството и уметноста што сум можел да го запознам и да работам. Мајсторе, беше чест да се биде од твоето време. Бог да прости. Вечнаја памјат, напиша режисерот.