Почивај во мир Кико: Дојде време животот во државава да не вреди пет пари

Кристијан Коцев - Кико, за кого се крена цела македонска јавност на нозе за да собира донации, требаше итно да замине на третман во Турција, но за жал му се влошила здравствената состојба и момчето почина.

Ова предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните порачаа дека нешто мора да се промени во Македонија за да се избегне уште една ваква тажна приказна.

- Кико почина, уште колку деца треба да починат за да се свестиме, прашува еден твитерџија.

- Држава на која децата ѝ умираат зашто на истата не ѝ грижа за нивниот живот, ниту некој досега почувствувал одговорност за некој загубен детски живот не треба да постои. Спуштете ја завесата, вели друга корисничка на Твитер.

- Потфрливме како нација и држава комплетно сите! Кико ниту ќе биде прв ниту последен! Но што правиме ние другари? Сектава од политичари ни ја уништи државата, ни го уништи комплетно општеството, ни ги уништува децата, образованието, здравството, пишува корисник под името „Тотошка“.

- За жал во нашава држава дојде време животот да не вреди ни пет пари! Прости ни Кико, почивај во мир, вели „ХаНа“.

-Ех дете, почивај во мир, да се надеваме дека таму, некаде, има нешто каде што ќе имаш мир без болка, без таги, без болести и страв… Уште еден цвет скинат пред да расцвета, уште еден живот прекинат пред да почне, уште едни родители ќе го испратат чедото… Се надевам само дека постои пекол, за вечно да се таму оние кои нѐ доведоа до овде, се надевам на тоа затоа што утешителни зборови нема, напиша познатиот „Божо“.