Да не се правиме наивни и невини, виновни сме и ние, вели Станоевиќ

Не стивнуваат реакциите во јавноста по двојното убиство во земјава. Младата Вања беше свирепо убиена, а инволвиран е и нејзиниот татко. Убиецот е на слобода. 

Револтот кај обичните граѓани расте. Многумина вината ја лоцираат кај државата, додека новинарот Христијан Станоевиќ преку објава на фејсбук вели дека виновни се сите! Прстот мора да го впериме и кон нас! 

Ова е неговата објава со која се согласија многумина! 

- Вината на државата - Зошто е крива државата? Затоа што создава вакви монструми преку служби, партии, институции. Им дава моќ, влијание, пристап до информации, медиуми, јавно влијание, политичко влијание.

Ваквите монструми со години рекетираат, уценуваат, тепаат, злоупотребуваат и истите им одговараат на служби, партии, моќници. Што за влијание, што за злоупотреби, што за материјална корист. И на крај не одговаараат за ништо, освен ако им е пресметано да ги тргнат, наведува тој на почетокот на својот став. 

- Вината на општеството - Зошто сме сите криви? Да не се правиме наивни и невини. Многу добро, со години истиве ликови беа величени како манги, мангупи, фраери, јаки штикли, патриоти.

Дека тие располгаат со информации, не се плашат од никого, на сите им „го плескаат во фаца“. Дека имаат бизниси, вртат пари, па дури и дека се успешни претприемачи. А, парите стекнати со матни зделки, корупција, изнуди, „бомби“.

- Вината на медиумите - Зошто се виновни новинарите? Затоа што (дел од нив) ги изгубија сите етички принципи во работењето.

Затоа што се во „дил“ со пропагандата, јавајќи на незадоволството на народот, на најосновните стравови на едно општество, за садење на семето на национализам, омраза, теории на заговори, злоупотреба на верата и националните чувства, на т.н. семејни вредности, за продавање евтин популизам маскиран во патриотизам.

Можеме да ја пцуеме „државата“, институциите, полицијата, службите, олигархијата, „медиумите“, но мора да впериме прст и во себеси, на нашата лековерност, на нашите длабоко вкоренети стереотипи, на нашите примитивни емоции и страсти, на нашата опседнатост со статус, моќ, пари и престиж, кои создаваат околности за свирепост и бездушност, вели Станоевиќ во својата порака.