Петличковски откри кои деца ќе се примаат во градинка во однос на вакцините

Децата што во последните шест месеци примиле серија од три дози дитепер-вакцина се смета дека ја завршиле примоимунизацијата и може да одат во градинка, но со напомена да ја примат и ревакцината најрано шест месеци по третата доза. Комисијата за заразни болести денес ја дообјасни мерката со која се забранува нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца да посетуваат градинка по многубројните реакции на родителите.

„Дообјаснувањето се однесува за деца што примиле вакцинална серија од три дози, ја завршиле примоимунизацијата во последните шест месеци и сега им следува ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година. Сега го кратиме тој период на шест месеци, но на овие деца, кои ја завршиле примовакцинацијата во последните шест месеци, треба да им биде дозволено да влезат во градинка со напомена дека оваа ревакцина редовно треба да ја примат во следниот период, најрано шест месеци од примањето на третата доза“, рече доктор Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Бројката на заразени, според Петличковски, во наредниот период ќе расте.

„Состојбата не е добра, не е стабилна, а дотука сме се довеле поради многу години неодговорно однесување на многу граѓани. Оној податок од 50 % невакцинирани деца во градинките е поразителен за државата. Тука мора многу да работиме. Со над 170 заразени во Скопје, над 200 во државата и тој број ќе расте, можно во следните недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки. Сè зависи од развојот на  ситуацијата“, рече Петличковски.

Професорката Александра Грозданова од комитетот за имунизација апелира родителите да ги вакцинираат децата оти само целосна имунизација значи целосна заштита. Таа објасни дека периодот меѓу вакцините е скратен поради епидемијата, со што е овозможено примоимунизацијата со дитепер да се заврши за два месеца.

„Според протоколот, редоследот на дитепер-вакцината за која сега зборуваме е два, четири и шест месеци, според редовниот календар. Во состојби кога имате прогласено епидемија од здравствен и од епидемиолошки аспект, имате можност таа разлика од два месеца да ја намалиме на еден месец помеѓу дозите. Тоа значи дека ќе имаме нула, еден и два месеца. Циклусот за комплетна примовакцинација може да се заврши во два месеца. Тоа го дозволува и самата вакцина и ние го донесовме според протоколот од Комисијата за заразни болести. Го донесовме како препорака со цел повторно да направиме позабрзан временски период за вакцинација на децата“, објасни Грозданова.

Таа нагласи дека календарот за имунизација не е случајно даден и дека идеално треба да се вакцинира според него за ефикасна заштита на децата, а сè друго е отстапка од календарот.

Претседателот Петличковски нагласи дека вакцинацијата може да се одложи поради болест, кај многу деца календарот е изместен поради коронавирусот, но потврди за привремена спреченост не постојат ниту, пак, некој ги издава. Постојат само потврди за трајна спреченост за вакцинација во одредени случаи и ги повика родителите да ги вакцинираат децата оти во ризик може да бидат доведени и возрасните.