Грозданова: Вакцината против морбили може да се прими во ист ден со дитепер

На прагот сме од нов пожар – епидемија на морбили, предупреди денес претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски. Кај нас сè уште нема регистрирани заразени од морбили, но алармот е поради состојбата во регионот.

„Ќе апелираме до градинките проверката на картоните да оди поинтензивно, поригорозно и во проверката да биде вклучена и вакцинацијата против морбили. Имаме шанса да го изгаснеме овој пожар пред да почне. Тука сме, на прагот на почнување нов пожар“, рече Петличковски.

Професорката Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, вели дека ризикот од две епидемии кај нас е многу голем. Сипаниците ни се доближуваат на ист начин како што ни се доближи големата кашлица и прерасна во епидемија во Скопје.

„Исто онака како што посочивме во октомври дека бранот на движење на пертусис во регионот, движејќи се од Хрватска и Србија, доаѓа накај нас, а сега го потврдивме, сериозно апелираме и во однос на морбилите. Секаде во регионот веќе имаме епидемии. Еднаш се соочивме со таа ситуација. Мора да се подигне свеста кај родителите, кај граѓаните, дека мора да го запазиме делот на превентивата со цел да имаме здрави поколенија, здрави деца. Вакви состојби на здравствена криза воопшто не ни се потребни, особено ако две епидемии ни се случат истовремено. Со ваков низок опфат како што го имаме ризикот е сериозен. Секоја мерка понатаму ќе биде сè поригорозна доколку се наоѓаме во вакви случаи на епидемии“, рече Грозданова.

Таа апелира родителите да ги вакцинираат децата со МРП-вакцината против сипаници во исто време кога доаѓаат на ревакцина за дитепер.

„Кога гледате дека некои заразни болести се присутни во регионот и кога сме под ризик со намален опфат, ризикот за појава на епидемија е многу голем и многу сериозен. Апелирам заедно со пертусисот да се искористи можноста за вакцинација на децата и со МРП-вакцината. Уште во периодот на јануари Комитетот за имунизација до вакциналните тимови официјално испрати препорака секое дете што доаѓа да ја прими ревакцината против пертусис на 18 месеци, бидејќи МРП се прима најрано на 13 месеци, да се искористи ревакцинацијата на дитепер и заедно да се прими МРП. Може да се примат во ист ден“, објасни Грозданова.

Официјален допис за двете вакцини веќе им испратиле на сите вакцинални тимови и од јануари тие тоа го практикуваат. Им објаснуваат на родителите дека не постои никаков проблем двете вакцини да се примат во ист ден.