ОЈО Велес покрена истрага за човекот кој при тепачка му нанесе тешка телесна повреда на друго лице и предизвика смрт

Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против лице на возраст од 43 години за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело „тешка телесна повреда“ (квалифицирана со смрт) од чл.131 ст.4 в.в.ст.1 од Кривичниот законик.

Како што информира ЈО, осомничениот на 8 јули, во вечерните часови, во тоалетот на казино во Велес, тешко телесно повредил едно лице на возраст од 48 години. Како последица од нанесените повреди оштетениот починал.

„Осомничениот го забележал оштетениот како игра на еден од апаратите во казиното, дошол до него и започнал вербална расправија. Потоа го однел во тоалетот каде физички го нападнал и со тупаници повеќе пати го удирал во пределот на грбот и слабините. Со ударите му нанел тешки телесни повреди како последица на кои дошло до раскин на слезината на оштетениот и загуба на големо количество крв, па на 13 јули тој починал“, соопшти ЈО.

Бидејќи постои основан страв дека осомничениот доколку се брани од слобода ќе се даде во бегство, ќе влијае врз сведоците и со тоа ќе ја попречува истражната постапка и дека ќе го повтори истиот вид кривично дело, до судија на претходна постапка на Основен суд Велес е доставен предлог за определување притвор.​​