Официјално отворена култната сала „Партизан“ во Карпош

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и имаше обраќање на официјалното отворање на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ во општина Карпош, позната како сала „Партизан“.

„Денеска, со гордост го најавувам отворањето на култната спортска сала ‘Наум Наумовски-Борче’, попозната како сала ‘Партизан’ – спортската гордост на карпошани, која повторно ја заживуваме во полн сјај. Oвде може да се кажат многу работи, а и не мора, бидејќи сите може да се уверите во тоа на каков квалитетен начин оваа сала од една руина со децении, денес е една од поубавите сали не само во Скопје туку и во државата“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Тука би сакал да се заблагодарам, пред сè, на градоначалникот на општина Карпош, но и на поранешниот градоначалник на Карпош, кој практично ја почна оваа идеја за реконструкција на салата, а сегашниот градоначалник успешно ја заврши заедно со Агенцијата за млади и спорт.

Благодарност и до Меѓународното здружение на граѓани ‘Културно ехо – Скопје’, кои ја иницираа реконструкцијата на оваа спортска сала, веќе кажав – Агенцијата за млади и спорт, нормално Министерството за финансии, секако администрацијата во Општина Карпош, која ги обезбеди сите потребни услови за да може да биде извршена потребната реконструкција. Здружението на спортските ветерани и Македонската спортска стрелачка федерација, да се заблагодарам и на француската амбасада во Скопје, секако и на изведувачот и надзорот, кои работеа и кои во рок до крајот на 2023 година ја завршија салата, а тоа е денес, два дена пред 2024 година.

Благодарност и до архитектите што го осмислија современиот изглед на салата и на сите други што се заслужни за денешниот модерен лик на оваа сала, која од денеска ќе им биде на располагање на сите љубители на спортот во Карпош и пошироко.

Спортската сала „Партизан“ беше донација на Франција по земјотресот и повеќе од 20 години претставуваше руина во овој дел од нашиот главен град.

Но, со заеднички напори успеавме да ја реновираме во целост, и нејзината надворешност, но и внатрешноста, за што беа издвоени над 1,1 милион евра буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.