Објавен јавниот оглас за помош од државата за сметките за струја

Министерството за економија го објави јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година.

Од владата претходно рекоа дека обезбедени се 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи, кои ќе добиваат намалени сметки за струја од 600 до 800 денари во 2022 година.

Согласно програмата финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа: за самец до 15.194 денари; за домаќинство со два члена до 18.000 денари; за домаќинство со три члена до 21.000 денари; за домаќинство со четири члена до 25.000 денари;  за домаќинство со пет или повеќе члена до 30.000 денари.

Доделувањето на финансиската поддршка ќе се врши по принципот на најниски примања по домаќинство во 2021 година, во секоја од категориите сѐ до исцрпување на предвидените средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година за оваа намена, велат од Владата.