Нов циклус работилници за едукација на децата за безбедно користење на интернет

Едукативната програма за деца - “Интернетот не e само игра...Кликај безбедно!” на А1 Македонија продолжува и во новата учебна година.

Новиот циклус работилници започна со предавање во О.О.У. „Коле Неделковски“ во Скопје за учениците од 4-то одделение.

„Интернетот не e само игра...Кликај безбедно!" е програма наменета за најмладите, со која вработените во А1 Македонија, преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма веќе 6 години по ред ги запознаваат учениците од четврто одделение и го збогатуваат нивното знаење за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа како да ги заштитат своите лични податоци.

“Како компанија која е двигател на дигитализацијата во нашата земја, имаме одговорност да ги едуцираме најмладите членови на нашето општество одговорно и внимателно да го користат интернетот. Нашите искусни волонтери се подготвени и оваа година да го пренесат своето знаење и да ги научат учениците да се заштитат себеси и своите лични информации како и да ги развијат потребните вештини за навигација во светот на интернетот. Интересот од страна на учениците, наставниот кадар но и на родителите и оваа година е голем, а тоа е дополнителна потврда дека едукација од ваков вид е повеќе од потребна“- изјави Елена Димовска, Раководителка на одделот за корпоративни комуникации во А1 Македонија.

“Навистина ни е драго што имавме можност да бидеме дел од првото предавање за оваа учебна година од едукативниот проект на А1 Македонија “Интернетот не е само игра...Кликај безбедно!”. Учениците слушнаа многу корисни совети како правилно да го користат интернетот, на што да внимаваат најмногу и најважно од сè, како да се заштитат и да бидат безбедни додека сурфаат на светската мрежа” – изјави директорката на училиштето Светлана Масларевска.

До крајот на учебната година се предвидени најмалку 10 работилници во Скопје и неколку градови во Македонија.

Предавањата ги реализираат волонтери - вработени во А1 Македонија.

За “Интернетот не е само игра…Кликај Безбедно!“

Проектот “Интернетот не е само игра...Кликај Безбедно!” е дел од иницијативата “Интернет за сите” на Телеком Австрија Групацијата, која во Македонија започна во 2018 година. Во рамките на проектот, предавањата досега ги проследиле повеќе од 4500 четвртоодделенци, од 13 градови во земјава, а активно беа вклучени наставници, директори, педагози и психолози од училиштата.

Целта на оваа иницијатива е преку различни алатки, програми и тренинзи, учениците да ги стекнат неопходните компетенции за нивно вклучување во општественото живеење во ерата на дигитализацијата.

Повеќе информации за едукативната програма “Интернетот не е само игра. Кликај Безбедно” се достапни на веб стрaницата на А1 Македонија на Дигитална писменост - A1 .