Ноќна патрола за мирно лето во Општина Аеродром

Вчеравечер, во општина Аеродром, градоначалникот на општината, Тимчо Муцунски, заедно со претседателот на советот на општината, Дејан Митески, претставници од советот на родители во основните училишта и командирот на ПС Аеродром, Тони Петровски, извршија ноќна патрола на неколку локации од општината.

Во рамките на оваа патрола посетени беа неколку паркови, училишта, градинки, игралишта и други места каде вообичаено се собираат граѓаните во ноќните часови, со цел да се лоцираат и превенираат евентуални нарушувања на јавниот ред и мир.

Со лицата кои беа затекнати на различни локации низ општината, тимот на ноќната патрола имаше пријателски разговор за законските правила и прописи кои се однесуваат на зачувувањето на јавните површини и јавниот ред и мир, како и потребата од заеднички активен ангажман за одржување на чистотата и мирот во општината. За време на патролата претставниците ја истакнаа нивната заложба за чување и одржување на урбаната опрема и јавниот простор, како и за засилениот ангажман на МВР за подобрување на безбедноста на граѓаните.

„Аеродром е познат по единството, по маалската дружба во парковите и токму затоа како општина ќе работиме сето тоа да одржиме и насочиме во корист на промовирање на свеста за чување на она што е заедничко и во кое ќе уживаме и ние, но и идните генерации“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на општината.