„Наместо да вработуваат пред избори, нека дадат плати“, „Национални шуми“ на штрајк oд 7 март

Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Иван Пешевски на денешната прес-конференција соопшти дека јавното претпријатие „Национални шуми“ ќе започне штрајк од 7 март којшто ќе трае се до исполнувањето на барањата на Синдикатот.

„Редовна и целосна исплата на плата на вработените, надоместоци на плата и додатоци за плата, како најболен, теренскиот додаток кој не е исплатен скоро една година. Синдикалните претставници одлучија во своите подружници заедно со Синдикатот за градежништво и дрвна индустрија да го почне штрајкот и да не го прекинува се до моментот додека не се исплатат и јануарската и февруарската плата заедно со овие надоместоци и додатоци. Проблемите низ годините толку многу се гомилаат, што денеска конечно се донесе одлука прв пат по толку време овие вработени да застанат рамо до рамо со другите братски синдикати кои што своите права и обврски си ги остварија единствено преку протести и штрајкови и нема да застанеме се додека не се исплатат платите на вработените. Да беа паметни претставниците на власта и раководството во Македонски шуми немаше на сила да вработуваат луѓе токму пред избори туку ќе ја дадеа навремено платата, во декември, јануари и февруари. Многу полесно беше да се изманипулираат луѓето, скоро 400 да добијат работни места, а сега скоро 2000 вработени да не добијат плата. Со вакви лажги пред народот и со вакви ветувања, овие луѓе нема да излезат на избори, туку ќе излезат пред Влада да штрајкуваат. Во прашање е егзистенцијата за скоро 2000 вработени во ова јавно претпријатие“, изјави Пешевски.

Од Синдикатот апелираат до претставниците на власта, вицепремиерот за економски прашања и до премиерот да најдат решение како да добијат навремено плата и плата достоинствена за живот на вработените.

„Вработените ќе бидат доследни на овие барања и нема да отпочнат со работа, да не излезе дека се закануваме, во прашање се и домаќинствата на коишто ќе им треба огревно дрво, без притоа да бидеме скромни дека ќе има одредени работни места коишто ќе ги извршуваат задачите, напротив нема да извршува никој на своето работно место. Ако имаат доблест, раководството, менаџментот, после овој момент на неисполнување на барањата, треба да си дадат оставка и да си заминат од претпријатието засекогаш, а не да додаваат проблеми. Нашата одлука е никој да не работи бидејќи никој во моментов не зема плата. Доколку некој смета слободно нека си работи. Никој не сака повеќе да извршува работни задачи бидејќи никој не носи дома плата веќе втор месец, а во меѓувреме платите доцнеа по 15-20 дена, беа намалувани без никаков основ, без никакви консултации со синдикалните претставници. Овој хаос сакаме да заврши, конечно да биде почитуван секој вработен во одделот шумарство, бидејќи работат во екстремни услови а не можат дома да однесат плата од 25 илјади во просек. Срамно и жално како никој досега не се заангажира да го реши проблемот во ова јавно претпријатие. Платите минатата година пораснаа, но ние не треба да чекаме милостина за 2000 денари, овие се луѓе технички персонал, инжинерски кадар кои заслужуваат многу повеќе од 40 000 денари плата, а не да зборуваме за плата близу минималната. Овде никој не треба да зема под просек плата, а не да биде илјадарка, две над минималната. Зборуваме за инжинерски работни места. Национални шуми е во 30 града во државата, оваа одлука се однесува за сите. Од сите претходни разговори и преговори и со менаџментот и со власта излеговме изиграни, излажани, изманипулирани“, кажа Пешевски.

Апелираше да се стави крај на урбаната мафија којашто владее во Скопје, во делот на градежништвото.

„Тоа што пораснаа цените на становите, сите велат дека пораснаа и платите, меѓутоа некако цените многу повеќе пораснаа од платите на вработените. Доколку некој смета дека треба да биде 2, 3 илјади евра квадрат стан, нека бидат и 2,3 илјади евра плата на градежниот работник“, изјави тој.

Како што објасни Пешевски оправдувањето за новите 400 вработувања било дека има претпријатието потреба од такви вработени, но вели, „магично кај нас во државата сите овие вработувања се пред избори во јавните претпријатија“.

„Ако имале потреба нека ги задржат. Претходно ги водеа како сезонски работници. Голем дел од нив немаат ни пензиско, ни здравствено, ни плата два, три, четири месеци во годината. Не сме ние мечки да хибернираме, да јадеме и пиеме преку лето, а зимно време да не добиваме никаква плата од државата“, додаде тој.