Штрајкуваат работниците во ЈП „Национални шуми“

Штрајкот во ЈП „Национални шуми“ кој започна пред неколку денови се уште трае.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов денеска беше во подружницата на ЈП „Национални шуми“ – Бабуна Велес каде што сите работници се едногласни по однос на потребата од исполнување на барањата поради кои започна штрајкот.

Вработените си ги бараат не исплатените плати, не исплатените теренски додатоци и останати додатоци на плата.

Револтот кај вработените е голем поради тоа што во континуитет се доцни со исплата на нивната плата, поради тоа што повторно им се исплаќа намалена плата, која за последниот месец е незаконски намалена за 2000 денари на секој еден од вработените во ова јавно претпријатие, како и поради тоа што веќе неколку месеци не им се исплаќа теренскиот додаток како и другите додатоци на плата.

Рокот за исплата на платата за февруари истекува на 15-ти март и доколку не се исплати истата во законски предвидениот рок барањата се да се организира протест пред централата на ЈП Национални шуми во Скопје.