Над 70% Македонци против бугарските барања за ревизија на историјата

Две третини или повеќе од испитаниците сметаат дека Северна Македонија не треба да попушти пред бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%), условот за јазикот (79%) и правата на Бугарите во Северна Македонија (65,4%), покажуваат резултатите од истражувањето за перцепциите за ЕУ, од кое произлегоа два истражувачки труда „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“ и „Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, спроведени од Институтот за демократија со поддршка на Фондација „Конрад Аденауер“.

Во заклучоците од анализата се наведува дека наметнатите бугарски барања за укинување на ветото го одредуваат патот на Северна Македонија кон ЕУ.

Резултатите од анализата покажуваат и дека голем дел од граѓаните не сакаат да ги прифатат бугарските барања, дури и ако тоа значи деблокирање на процесот на евроинтеграции.

Најсилна меѓуетничка врска постои во однос на јазикот. Македонците (86,8%) и Албанците (61,4%) не би го поддржале усвојувањето на ова бугарско барање, покажува анализата.

Во 2021 година, 68% од населението на земјата ја поддржувало идејата за членство во ЕУ. Една третина верува дека С. Македонија никогаш нема да стане членка на Европската унија, а една третина имаат нереални очекувања дека земјата може да биде примена во европскиот клуб во следните 5 години.

53% од испитаниците не ја гледаат Евроазиската унија како алтернатива на ЕУ, стои во анализата.