Османи: Амбасадорката беше повикана во бугарското МНР поради договор што во 1999 година го има потпишано ВМРО-ДПМНЕ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5. изјави дека македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси била повикана во бугарското МНР во врска со најновата реакција на Бугарија, поради договор потпишан од 1999 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

“Во 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има потпишано изјава со премиерот на Бугарија, Костов и во еден член во изјавата стои дека Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на Бугарија по однос на малцинските права. Не ја бранам позицијата на Бугарија, ви кажувам што и кажале на амбасадорката по однос на тоа прашање. Тие се повикуваат на изјавата од 99-та година“, рече Османи 

Во врска со реакцијата од бугарското МНР, шефот на државата Стево Пендаровски во изјава за МИА вели дека е потребна конструктивност во односите со Бугарија и дека постоењето македонско малцинство во Бугарија е факт кој е потврден од Стразбур.