На кафе со Илина Арсова

Македонска алпинистка, прва Македонка која ги исчаки сите седум највисоки врвови на седум континенти, ликовна уметница.

Како изгледа едно утро на Илина Арсова? Дали имаш некои утрински ритуали?

Утрото ми е омилен дел од денот. Од мала сум ранобудник и мозокот ми е најактивен за работа од сабајле. Бидејќи немам постојано место на живеење, така немам посебен ритуал што го практикувам секојдневно. Сепак поубаво се чувствувам кога денот ќе ми почне со физичка активност.  Кога сум во Скопје често сабајлечки пешачам на Водно. Тоа не го пропуштам и додека сум во Охрид, каде наутро возам точак, пливам, или и двете. Најубаво ми е чувството кога се враќам дома исполнета, додека другите тукушто стануваат од спиење.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

И покрај тоа што последните десетина години не живеам во Скопје и таму поминувам само мал ден од годината, сепак имам свежи спомени за Скопските утра од моето рано детство, средношколските и универзитетските денови.  Особено ми беа интересни оние свежи есенски утра, додека се спремаме за на училиште и не сме сигурни што да облечеме, свесни дека неколку годишни времиња може да се сменат во истиот ден. Тие работи ми дадоа корисно практично искуство кое го искористив во номадските години кои следеа понатаму во мојот животот. Веројатно тоа биле побезбедни времиња, бидејќи уште од прво одделение на училиште одевме пешки и без придружба што не е случај денес. Како резултат на тоа, кога ќе стигневме до училиштето или подоцна до гимназијата, уште во 7:30 наутро сите дечиња веќе беа убаво расонети и во добро расположение, а на улицата никојпат немаше метеж и застој на сообраќајот од неправилно паркираните возила на родителите.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Ја сакам пролетта, првите кокичиња во дворовите... потоа следеа зумбулите па нарцисите, па лалињата, расцветаните дрвја и мирисот на пролет. Не дека помалку ги сакам и другите годишни времиња но ете првата асоцијација ми беше пролет. Во пролет најчесто сум вљубена, а ако не сум, се вљубувам...

За жал денес, се’ поретко ги гледаме расцветаните бавчи, а  на нивно место се бетонските платформи на новите згради, мегаломанските трговски центри и канцеларии...

На Скопје му недостасува…

Му недостасуваат многу работи, а од други пак има премногу. Во Скопје некако се измешаа брзините. Додека сите одат нанапред во согласност со модерното општество, Скопје стагнира или оди наназад. Како мајка ми кога оди назачки по угорница, оти било добра вежба за грбот.

На Скопје за жал му недостасуваат работи кои не му недостасувале од секогаш, напротив ги имало, но примитивистичко вандалскиот ум, упорно ги уништува. Како на пример уредени паркови, општи добра, автобуски постојки, урбана опрема и слично. Се’ повеќе недостасува зеленило и велосипедски патеки, но не само онака „ради реда“, туку вистински функционални велосипедски патеки кои го поврзуваат градот и не мора да го искршиме точакот додека ја преминеме улицата меѓу високите тротоари, додека дрските шофери налегнале над свирката како да сме им најголем душман оти возиме велосипед на ист колосек со другите возила, немајќи друг избор. 

Пред некој ден на вашиот портал имаше објавено прекрасна стара фотографија од 70-тите години, со многу велосипеди пред градскиот стадион. Тоа денес е тренд насекаде низ Европа, а кај нас за жал велосипедот како превозно средство се смета за пониска класа. А на кој му е грижа за класите воопшто? Во Холандија, Германија или Швајцарија и покрај тоа што постојано врне, велосипедот останува урбан тренд без разлика на тоа што секоја фамилија има по два автомобили во гаража. Луѓето свесно одбираат кратките растојанија да ги поминуваат на велосипед, предизвикувајќи што помало загадување и тоа не само загадување на воздухот, но и пореметување на мирот преку сообраќаен метеж и бучава. 

Сепак на Скопје најмногу му недостасува грижа и љубов. Колективна еколошка свест да го одржува и чува заедничкиот простор. Недостасуваат насмевки, недостасуваат среќните луѓе, вљубените возрасни парови кои се шетаат под рака во парковите...

Скопје во само три збора…

 Кафани, Кладилници, Казина 

Илина, досега постигна многу во твојата алпинистичка кариера, ти си првата жена од Македонија која ги искачи сите седум највисоки врвови на седум континенти. Какво е чувството да се биде на врвот на светот?

Тешко е со зборови да се опише чувството кога недостижното станува достижно. Некаде во 2002 година кога за прв пат на телевизија го гледав филмот Вертикал лимит, потајно знаев дека еден ден и јас ќе бидам дел од таква авантура, иако свесна за огромниот ризик и подготовки потребни за тоа. Бев студент на ликовна академија, далеку од професионален спортист. Кога, десетина години подоцна навистина, се најдов на врвот на светот. Поентата е, кога сонот ќе го поставите како ваша цел и цврсто се стремите кон нејзино достигнување, тогаш ништо не е недостижно.

Дали има некои особено застрашувачки моменти во искачувањето? Било какви моменти на сомнеж кога помислуваш дека треба да се вратиш назад?

Моментот кога ќе го посеете семето на сомнежот, тоа ќе роди со страв. Стравот е добредојден бидејќи не држи приземни и не потсетува дека планината е газдарица, а ние нејзин гостин и неопходно е да го почитуваме куќниот ред. Доколку сака да не отстрани од нејзиниот двор, таа ќе го стори тоа. Но може да биде гостопримлива и добродушна и да ни дозволи да стапнеме на нејзиниот врв, ако навистина сме го заслужиле тоа. Моментот на повлекување и  донесување на одлука за заминување без искачен врв е навистина тешка одлука.. Ми се случи во 2012 година кога прв пат се обидов да го искачам највисокиот врв на Америка, врвот МекКинли на Алјаска. Конечното искачување на врвот 4 години подоцна потврди дека одлуката за враќање во 2012 била исправна. Планината и понатаму беше таму за да ми даде нова шанса. Секојпат велам дека „Врвот е само пола пат до целта, финалната дестинација е да се вратиме дома кај нашите најблиски кои безрезервно не сакаат и поддржуваат“.

Сега кога седумте врвови се освоени, што е следно на листата?

Сега најинтересно е доаѓањето на свет на моето првенче од книга/прирачник, под наслов „Планинарење“. Македонија е сиромашна со литература од оваа област па решив да споделам дел од искуствата стекнати во последните 15 години посветени на планинарските спортови. Кои имено ги има многу: од спортско качување и болдер кои се веќе олимписки дисциплини, до алпинизам, слободно качување карпи, високогорство и качување екстремни височини на највисоките планини во светот. Книгата е делумно стручна литература која ги појаснува сите овие категории, додека другиот дел се лични искуства и совети за безбедно движење и напредување во планината. Книгата е напишана  на описен јазик, разбирлив за пошироката публика дури и онаа која не е насочена кон професионално бавење со овие спортови. Како ко-автори во книгата се јавуваат Александар Кирковски во делот: „Планинско трчање и скај ранинг“ и Илија Циривири во делот „Качување мраз“ и „Развој на алпинизмот во Македонија “. За проверка на податоците и дополнителни истражувања ми помогнаа уште неколку стручни соработници, со кои качувам и соработувам години наназад.

 

 

Се соочуваме со глобална пандемија која драстично влијае на животот на сите нас. Дали новонастанатата ситуација донесе и нови навики во секојдневното функционирање и реализирање  на обврските?  Дали COVID-19 и периодот кој го поминавме во карантин беа идеален период за креативно остварување?

Апсолутно. Карантинот беше идеален за  творечка дејност и завршување на книгата „Планинарење“, почнување на нова книга базирана на автобиографски патеписи, нови идејни решенија за ликовното творештво како и работа на тековни илустраторски проекти кои можев да ги работам од „дома“.  Карантинот се покажа интересен и на приватно поле, но за тоа некој друг пат. Инаку, ситуацијата ја сфатив многу сериозно, ги поддржувам и почитувам мерките. Се уште избегнувам гужви и било какви групни средби, но ако се’ биде во ред се очекува мала изложба и официјална промоција на книгата кон крајот на Септември, поточно 28 Септември, во МКЦ.