На кафе со Бојан Ефтимов

Дипломиран виолинист кој се бави со улична уметност. Звуците на неговата виолина често ги слушаме во Градски Трговски Центар.

Бојан, се договоривме за интервју, откако случајно ги слушнавме звуците на твојата виолина во Градски Трговски Центар, пред се, те молам сподели со нас, кој е Бојан Ефтимов?

-Најкратко, сосема обична млада личност која се обидува монотонијата на денот да ја обои со позитивни звуци и пријатна атмосфера. Дипломиран виолинист на ФМУ во класата на проф. м-р Љубиша Кировски. Опптимист кој секогаш смета дека уметниците ќе го придвижат светот кон поубаво.

Дипломиран виолинист кој 7 години се бави со улично свирење во Македонија но и надвор од неа. Зошто баш улично свирење?

Уличната уметност кај нас, полека си навлегува во масовната култура. Уште од антиката е познато дека уличните уметници секојдневно го разубавувале животот на луѓето. Во Шпанија, ќе им аплаудирате на Мариачи, на Медитеранот, трубадурите романтично осмислувале цели настани. Цела Европа пулсира во духот на уличната уметност. Уште како мал, посетувајќи разни дестинации ја почувствував конекцијата со овие уметници. тоа е како магија. Почнувате, доаѓааат еден по еден, полека срамежливо, понекогаш со еуфорија. И почнува претстава под отворено небо. Улиците, тротоарите, трговските центри добиваат поинаква, потопла душа. Музиката одекнува насекаде. Често се случува луѓето да седат долго, да започне муабет, насмевки, комплименти. Странците се отворени, доаѓаат, танцуваат. Се создава многу топла атмосфера, навлегуваш во нивните светови, желби, ги исполнуваш нивните музички желби. Доаѓа како приватен концерт за посебно важни луѓе.

Покрај бројните настапи и успеси во полето на класичната музика, сонот на секој уметник е да има што повеќе јавни настапи, интеракција со луѓе, а со тоа ќе се исполни самиот себе и ќе ги забавува луѓето. Додека учев средно, често пати забележував разни свирачи низ Градскиот Трговски Центар и Плоштадот во Скопје, па така ми се роди желба и јас да направам нешто атрактивно за слушање и гледање. Почнавме со уште двајца другари да свириме во ГТЦ и забележавме дека има многу позитивна енергија. Ние се забавувавме, а во меѓувреме вежбавме, заработувавме и пари кои за тогашните тинејџерски години и тоа како многу ни се најдоа и беа доволни.Така наредните 4 години свиревме се додека при едно патување во странство кое требаше да биде само на кратко, се одлучив набрзина да спремам матрици и да ја земам виолината со мене за да пробам и сам. Тоа "кратко" се претвори во цели 3 месеци свирење. Кога се вратив се повеќе се заинтересирав за уличното свирење и почнав да подготвувам повеќе преработки на песни. Секое слободно време го користев за да излезам и да свирам.

 Какво е твоето искуство кога свириш за скопјани, а какво кога свириш низ европските градови? Дали различно реагираат луѓето тука и таму?

 Кога прв пат свирев во странство, бев многу изненаден како луѓето толку многу позитивно го прифаќаат уличниот артист, застануваат, пеат, играат едноставно го сфаќаат како еден вид на концерт, што за разлика од кај нас, имаше позитивна енергија но поретко застануваа . Сега е се поинаку или можеби слично како и во светот. Штом почнувам да музицирам, просторот добива поинаква енергија. Луѓето застануваат, седнуваат, снимаат со телефони. Често танцуваат. Оние кои имаат повеќе време се чувствуваат како да дошле на концерт. Оние кои се на поминување, низ чекорите даваат сигнали дека убаво се чувствуваат, праќаат насмевки, поздрави, сигнали дека би останале подолго.

Дали надвор свириш македонски песни и дали има некоја која посебно привлекува внимание на случајните минувачи низ Европа?

Обично го следам современиот тренд, она што најмногу се слуша. Секогаш успеваат светските евергрини. Го чувствуваш расположението на посетителите, тоа е флуид. Интеракција. Тече како река, надојдува се менува. Репертоарот го бирам и според нивниот вкус. Многу често, кога ќе ме прашаат од каде доаѓам, свирам македонска музика. Остануваат маѓепсани од нашиот мелос. Им буди многу силни чувства.

Во моментов сите сме во една тешка состојба, пандемијата влијае многу на целокупната атмосфера и расположение на луѓето, но ти успеваш со твоите звуци во ГТЦ барем на кратко да не вратиш во времето кога функциониравме нормално и да внесеш мала доза на позитивност во овие сиви денови. Како од страна на музичар, артист кој свири надвор и секојдневно среќава многу луѓе, би ја опишал ситуацијата?

Дипломирав една недела пред прогласување пандемија на Ковид-19, а со тоа како што би кажале и многу луѓе "ми пропаднаа сите планови за годинава", се вбројувам меѓу нив. Цело време се подготвував повторно да одам во странство за да свирам, но ситуацијата не го дозволи тоа. За време на полициските часови постојано подготвував и постирав на социјалните мрежи преработки на песни, за колку толку да внесам расположение кај луѓето. Кога се направија услови, повторно излегов да свирам во ГТЦ и разликата беше огромна. Луѓето како одвај да чекаа да се случува нешто во градот. Многу бев среќен и исполнет, кога мали дечиња застануваа, играа и пееја заедно со родителите и буквално во тие моменти заборавав каква е ситуацијата со пандемијата, но сепак маските на нашите лица ме враќаа во реалноста.

Каде се гледаш во иднина? Во кој правец би сакал да се развива твојата кариера?

Пандемијата највеќе ме научи дека не можам да планирам на многу долги стази, секој ден треба да се искористи и да се вложува максимално во себе. Јас сум уметник, класичен музичар. За мене сцената е посебна магија. Место каде што можеш да се стопиш со публиката, со инструментот, со делото кое го изведуваш. Во текот на изминатите години имав можност да настапувам на бројни концерти, проекти дома и низ Европа. Да, себе си се гледам на некоја од европските сцени. Тоа е сон на секој уметник. Би сакал да заминам и на усовршување на мојата едукација, да се надградам. Убаво е да сонуваш, соновите можат да бидат позитивна мотивација и остварување на целта.

За крај, Скопје во само три збора?

Тешко би можел градот на моето детство, младост, најубавите случувања да го сместам во три збора. Како хаику поезија, но ќе се обидам: музика, загадено, мултикултура! 

Running sport media | Women's Nike Air Force 1 Shadow trainers - Latest Releases , Sciaky