На кафе со Снежана Јанковиќ

Прв Скопски Извиднички Одред

Снежана, како започнува твојата извидничка приказна? Колку време си дел од Прв Скопски Извиднички Одред (ПСИО)?

Извидник сум од 98/99 година искрено не памтам добро. Имаше извидници дојдено во моето училиште ЈХ Песталоци меѓу кои брат/сестри на мои соученици кои ни презентираа што се прави на извидници преку отворен ден – работилници каде ни покажаа кревање шатор, униформа, марама, видови јазли, игри и сл. Веднаш мислам уште истиот ден со моите другарки ја најдовме куќарката на ПСИО и како влегов еве до ден денес сум дел од ова второ мое семејство.  Прв водач на извидници ми беше Калина, па потоа ни дојде Угрин, па Ранте и така ме израснаа додека и јас самата не станав водач на група извидници. Откако ја „порансав“ таа група деца кои дел станаа исто водачи, решив повторно да земам нови извидници и така полека си го изградив мојот живот околу таа неформална едукација на деца и млади кои ме исполнува искрено до небо. Едни од поомилените извиднички настани кои ќе ги памтам засекогаш ми се македонското џамбори во 2003 година во Пехчево, RoverWay европски собир на извидници 2006 во Италија, Светското извидничко џамбори 2007 во Велика Британија со повеќе од 50.000 извидници од цел свет и Тренингот за тренери во Крива Паланка 2010 во организација на Сојуз на извидници на Македонија и Данска.

Како изгледа еден ден на началничката на ПСИО?

Да се биде Началник на еден извиднички одред поготово најголем, најброен како ПСИО е презабавно, креативно, одговорно имаш многу обврски, но сите се со забавен карактер, добро има и многу работа, но кога го правиш тоа што го сакаш, стануваш најдобар во истото и се што ти останува е да уживаш и да го пренесуваш своето знаење на помладите кои треба да те „наследат“. Функцијата на началникот е да ги координира сите водачи/ волонтери во одредот, во ПСИО се 15, да се креира програма која мора да биде едукативна и забавна во исто време, мора да биде преку игра како децата би ја прифатиле со голем ентузијазам и „уз пат“ ќе научат многу работи кои не ги учат на училиште. Програмата во ПСИО се реализира преку стекнување на 25 вештини кои извидниците во вид на работилници – состаноци ќе стекнуваат. Во ПСИО годишно се реализираат преку 400 состаноци (работилници), 4 поголеми кампови и 3 национални натпревари. Сите овие настани се од година за година со различни симболички рамки па мозокот ми работи 300 на саат со нови идеи, воведување на европски и светски активности, воведување нови програми. Оваа година на пример почнуваме со имплементација на програмата Извидниците за Целите на одржлив развој, со посебен акцент за заштита на животната средина, користење соларна енергија и подобрување на квалитетот на неформалното образование. Морам и да напоменам дека од оваа година официјално во ПСИО се изгласани нов Началник – Бојан Ѓошев и негов заменик Ивана Манчевска, моите наследници :D млади извидници на кои сум особено горда бидејќи сум ги водела низ годиниве, сум ги учела на многу работи и баш сум сега во исчекување да видам како ќе го водат ПСИО.

Tвоја омилена скопска дестинација за активности на отворено?

Најмногу го сакам Градски парк бидејќи прво е блиску до мојот одред – познатото Домче па лесно ми е за организација, реализација, логистика при спроведување на настани, второ бидејќи е огромен, зелен, има езерца кои ги користиме за обуки за веслање ...не знам дома ми е паркот, таму се чувствувам дека можам да организирам се што ќе посакам. Имено токму Градски парк е локацијата каде ПСИО традиционално 15 години организира натпревар за развигорци и извидници каде доаѓаат преку 200 деца.

Скопје во само три зборови?

Гужва, дома и пријатели.

На Скопје му недостасува…?

Па според мене, на мене она што ми недостасува во нашето Скопје се забавни, атрактивни и адреналински активности, реквизити на Водно, јавни тоалети во парк и на Водно, Матка, кеј на Вардар, езеро Треска каква што ја паметам од 90тите ....може да кажам што има многу? Има многу отпад од несовесни граѓани, толку многу што ниту служби ниту ентузијасти можат да постасаат да го исчистат бидејќи секој ден одново и одново се фрла отпад на улици, паркови, лифтови, реки, секаде, едноставно несфатливо.

2020 година верувам дека беше многу различна и за членовите на ПСИО.

Како функциониравте во текот на изминатата година, па и денес, дали успеавте да реализирате активности?

Да ви кажам искрено, додека беа во изолација извидниците станаа многу покреативни, почнаа да копаат стари слики од активности кои ги посетиле во и надвор од земјава, снимаа видеа што прават и предизвикуваа други извидници што да прават ...но секако тешко им е. Многумина би сакале да се вклучат во нешто волонтерско да помогнат, но ни кажаа дека најдобро што може за сега е да седиме дома и да споделуваме како корисно и квалитетно да го поминат сите времето дома. Моравме некако да смислиме да продолжиме да го држиме ритамот и духот кој го имаме. Извидниците им се многу важни на сите наши членови ама многу, таму вежбаме и негуваме позитивни вредности, навики, се грижиме за правилен физички, социјален, карактерен развој кај децата и младите, придонесуваме во образованието на младите, преку систем на вредности врз основа на извидничкиот Завет и Закони, да помогнеме да се изгради еден подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.

Програмата на извидници како споменав се темели врз учење нови вештини, отакако еден извидник ќе стекне некоја вештина, треба да полага со однапред утврдени правила и да освои амблем кој треба да го сошие на својата униформа....Е СЕГА повеќето време седиме дома! За тоа нашиот тим на волонтери смисли ново вештарство каде извидниците можат од дома да направат нешто, да ни го покажат и претстават и да го освојат амблемот. Се што треба да направат е да облечат униформа, стават марама и да снимат видео каде прават нешто и секако да ни го пратат – познатото DIY (do it yourself).

Полека започнуваме со активности на отворено во парк, Водно, Матка почитувајќи ги сите јавно здравствени протоколи, но во мали групи. Ни недостасува така одредски да се собереме на камп 100 извидници пример во нашиот извиднички дом на Китка, Мала Река.

Снежана, кои особини треба да ги поседува еден извидник?

Ние тоа што ги учиме нашите извидници е пред се да се луѓе, да пораснат во општествено корисни граѓани, да развиваат емпатија, да се позитивни, да поделат се што имаат (на пример кога одиме на камп не дозволуваме носење на грицки и слатки ако нема доволно да се подели со сите), подготвени да се снајдат во секакви ситуации, постојано да истражуваат можности кои ни ги нуди светот, да се дружат и почитуваат без разлика на возраст или националност, вера и слично, тоа нема на извидници сите сме исти и јас со 20+ извидничко искуство и некој нов развигорец кој само 2-3 месеци е извидник. Извидниците се водат по 4 принципи и тоа да имаат обврска кон себе, кон другиот, кон неговата духовност и секогаш посилниот да му помогне на послабиот.

Како се станува член на Прв Скопски Извиднички Одред?

ПСИО врши регрутација, односно прием на нови членови секој септември и едноставно треба само да не контактираат преку нашата Facebook страна First Scout Unit of Skopje, да ни остават информација за возраст и телефон и нашите волонтери ќе ги контактираат со информации за термини за состанок за саканата возрасна група. Флексибилни сме се со цел што е повеќе деца и млади да се придружат кон извидништвото што сепак претставува светски најголемо едукативно движење.

Неодамна на локацијата на старото Матично, е отворен Нов Младински центар - Матично. Кој може да го користи објектот и какви активности ќе се реализираат во истиот?

Центарот е креиран да биде инклузивно место за сите млади, младински организации кои сакаат да имплементираат програми, работилници, свирки, кино проекции, јас имам веќе во глава замисла за многу креативни работилници кои сум ги посетувала во светски извиднички центри кое воедно се и младински, но се уште чекаме да се опреми и пушти повик од страна на Општина Центар за начинот на користење, распоред, координација, има многу работа, но и нуди безброј можности. Јас во оваа приказна се најдов сосема случајно преку учество на форум за граѓани во 2019та година каде бев дел од работна група млади и според потребата на младите го креиравме овој проект Младински Центар.

Какви активности ве очекуваат во ПСИО во текот на оваа година?

ПСИО оваа година започнува со имплементација на светската програма Извидниците за Целите на одржлив развој кој веќе кај неколку големи наши фирми наиде на позитивни реакции кои не поддржуваат. Во овој поглед имаме во програмата планирано адаптирање на светската програма, тренинг за млади волонтери, креирање интерактивни едукативни кутии за организирање работилници, пилотирање на програмата во училишта и други младински организации и сл. Како и секоја година така и оваа ќе организираме еко пловидба по Вардар, преку која собираме отпад од реката – во граници на безбедност се разбира. Дел од програмата ни е во соработка со Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево каде што ќе организираме неколку настани – центарот е на светско ниво, дури да не ти се верува дека е во нашата држава. Секако покрај горенаведеното, а според нашата програма во план се и националните натпревари Пролетни и есенски бакнежи, прегратки 2021, кампови на планината Китка во нашиот извиднички дом и редовните неделни акции, но за се секако чекаме зелено светло од Владата во однос на јавно здравствените протоколи. Сепак здравјето на нашите членови, нивните семејства, пријатели и општо на луѓето ни е најважно.