„Mоја скопска приказна“ отворен конкурс на фотографии

„Mоја скопска приказна“ е отворен конкурс на фотографии инспирирани од фасади на објекти кои го дефинираат вистинскиот идентитет на старо Скопје.

Најдобрите фотографии ќе бидат претставени на изложба во Скопје, во мај 2018 година, а за прво наградениот фотограф следува парична награда од 300 евра во денарска противвредност. Наградата за второ место е 150 евра, а за трето 70 евра.

На отворениот конкурс ќе се наградува најдобрaтa композиција од 5 фотографии по учесник на тема ‘стари автентични скопски фасади’.

За учество, потребно е да се испратат фотографии од 5 различни фасади, кои ќе ја прикажат архитектурата, дизајнот, автентичноста и единственоста на истите. Се бара креативна композиција и јасност во фотографиите. Еден од критериумите за оценување е квалитетот и оригиналноста на фотографијата.

Фотографиите не треба да бидат помали од 1MB и не поголеми од 5MB. Истите мора да бидат подготвени за печатење. Сите учесници потребно е да бидат во можност да обезбедат слика со висока резолуција погодна за печатење за изложба доколку сликата е потребна.

Конкурсот е отворен до 04.04.2018 година, до 16.00 часот. Фотографи од сите возрасти и нивоа на искуство се поканети да испратат фотографии од автентични скопски фасади со што ќе добијат можност да освојат парична награда. Фотографиите треба да се испратат преку линк на: office@strymonfilm.mk.

Проектот е со финансиска поддршка на Делегацијата на Европска Унија во рамки на програмата за одбележување на Европската година на културно наследство 2018.