Мицкоски: 13-ти ден од кампањата, а Пендаровски не кажа ни збор за криминалите на ДУИ, за Соравиа, за грабежот...

Најголемата трагедија е што овие години полека, но сигурно системот е срушен. Системот кој е создаден да служи на народот, е киднапиран и одземен од контролата на народот. Тој сега служи на стотина души од ДУИ кои управуваат со државата и на нивните слуги од СДСМ, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг во Гевгелија.

Тој напомена дека секоја една услуга која граѓаните треба да ја добијат како системска, од институциите е проследена со мито, кое е широко распространето.

„Погледнете, нема тендер кој не е сомнителен. Се договораат во 4 очи, а парите завршуваат во десетина фирми за кои ако се прочепка сопственичката структура ќе видите дека тие се блиски луѓе на власта, кажа претседателот и додаде: СДСМ му ја поклони државата на Али Ахмети, Артан Груби и Талат Џафери. Тоа е поради тоа што власта, СДСМ ја купува на дневно ниво. Нивната слабост ја покриваат со милион услуги кои им ги вршат на ДУИ и станаа заеднички соучесници во разграбувањето на државата“.

Мицкоски истакна и дека Пендаровски се постави како втор кандидат на ДУИ, и дека за целиот свој мандат тој не смогна сили да се спротивстави на ниту еден нивен криминал.

„Денес еве навршува 13-тиот ден од политичката кампања како Стево Пендаровски нема кажано ниту збор за ДУИ. Ниту една критика, што значи тој прифаќа и одобрува се што ДУИ, Артан, Ахмети направија со Македонија. Тој одобрува, молчи и прифаќа за продажбата на Соравиа, пљачката на државата, неодговорноста за модуларната болница, купувањето на деловни простории по багателни цени и илјадници други скандали кои сега стануваат и товар на Пендаровски и негов срам“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека на овие избори се и за тоа да се врати државата во рацете на народот.

„Промените се во раце на народот, за да Македонија биде повторно на народот. Македонија мора да ја направиме горда“, подвлече тој.