Силјановска Давкова најмногу, Пендаровски собрал најмалку донации за изборната кампања

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски собра најмалку донации од седуммината претседателски кандидати, откако за него донирале тројца граѓани и една фирма.

Тој од донации собрал околу 2.400 евра за изборната кампања. Тројцата граѓани донирале по 6.150, 22.687 и 3.075 денари, додека правното лице донирало 115.005 денари, според извештаите за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, поднесени од изборната кампања до Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Најмногу донации во кампањата собрала кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, околу 325.000 евра. За Силјановска Давкова донирале 526 физички и едно правно лице, според извештајот доставен до ДЗР.

Кандидатот на ДУИ Бујар Османи собра 69.000 евра, а по него следуваат кандидатот на коалицијата „Вреди“ со 55.000 евра, кандидатката на Левица Билјана Ванковска со речиси 18 илјади евра, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски со 16 илјади евра и кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски со 12 илјади евра.