Меѓународен ден на образованието - Што не чини, па сме на дното?

Учениците во Македонија покажуваат слаби резултати и не се задоволни од животот во државата, покажа најновото истражување кое УНИЦЕФ го презентираше денеска, токму на Меѓународниот ден на образованието.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, упати и апел образованието да стане натпартиски приоритет.

Поради лошото образование се повеќе семејства ја напуштаат земјава со цел нивните деца да учат во поорганизиран и поквалитетен образовен систем, додека исклучок од „одливот на мозоци“ не  се ниту младите, кои по студиите тука заминуваат во странство. 

Каде лежи проблемот за недоволно квалитетното образование? Еве што кажаа дел од нашите соговорници, успешни млади студенти, во интервјуата за Скопје Инфо. 

- Младите се разочарани од нефункционалниот систем во државата. Ние сакаме да живееме во држава компатибилна со европските, а не во држава со нула напредок. Исчезна поделбата на власта, корупцијата и криминалот се на секој чекор, непотизмот царува, имаме повеќе коцкарници од училишта, ненормалното стана нормално. Без владеење на правото не можеме да имаме квалитетно образование, развиена економија, ефикасно здравство и култура која ќе промовира вистински вредности. Младите луѓе не гледаат перспектива, оти политиката е навлезена во секоја сфера од општеството. За жал, нам младите денес ни е јасно дека сме подалеку од било кога од создавањето на пристојна, граѓанска, демократска држава во која знаењето е сила и моќ.

Студентските години се најубавите, но за жал за факултетите имаат сè помала заинтересираност, а студентскиот стандард во Македонија е на многу ниско ниво. Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови, па се до понижувачкиот студентски оброк и ниските стипендии. Студентите треба да бидат најважната категорија граѓани во една држава, а не жртва на одредени политики. Се надевам дека ќе имаме субвенционирани автобуски билети и ваучери во текот на целото студирање, а не само во изборните години. Државата мора да го слушне студентскиот крик и да ги мотивира младите образованието да го продолжат овде.

Емилија Митревска, најдобриот студент на УКИМ за 2023 година

- Луѓето кои читаат и кои вложуваат добар дел од својот живот во наука имаат еден проблем, а тоа е дека не можат да најдат некој кој ќе ги слуша како зборуваат за наука. Затоа, ако по трагите на глупоста испратиме малку ум, сé уште има надеж дека можеби и ќе ја стигне. Сметам дека треба почесто да се зборува за потребите на студентите. А, бидејќи студентите гледаат на професорите како на авторитети, разбирањето на тие потреби секако се очекува од нив. Успехот доаѓа од самите нас – книгите немаат рок на траење и кога-тогаш ќе го заслужат нашето внимание. На крај, студентите треба да научат дека секогаш ќе постојат подеми и падови и дека секој студент ќе се запознае со двете, но, треба да научи да живее некаде помеѓу – само тогаш ќе го постигне посакуваното.

Александар Веселинов, дипломиран студент на Медицинскиот факултет 

- Македонија како никогаш до сега се соочува со проблемот иселување на млади луѓе, и тоа млади, едуцирани, квалитетни луѓе кои треба да се најсилен двигател во општеството. Па дури заминуваат и цели семејства кои се добро ситуирани, како одговор на системот кој „функционира“ вака години наназад. Приходот кој е важен мотивирачки момент сепак сметам дека и не е пресуден, земајќи го фактот дека има доктори од примарно здравство кои добиваат плати пониски од келнери во ресторани и кафе барови, наидуваме на квалитетни доктори кои работат преку „договор на дело“ и имаме класична екплоатација на истите за многу ниски средства. Наидуваме на преамбициозни и квалитетни доктори кои плаќаат приватни специјализации поради тоа што не се партиски истомисленици на оние кои се на власт и нема простор за нив на листата на државни специјализации. Тоа го потценува интелектот, тоа го демотивира младиот човек, тоа ги гуши амбициите на рационалниот млад човек да останат овде.

Марина Главче, прогласена за една од најдобрите дипломирани студенти за академската 2021/2022 година на Економскитот факултет

- Подобрувањето на образовниот систем и поттикнувањето поголем успех и мотивација кај студентите бара сеопфатен пристап со вклученост и желба за промена од сите засегнати страни во едукативниот процес. Многу е важно да се направат измени во образовните програми во насока на поголема усогласеност на материјалот со европските земји. Предмет на обработка треба да бидат теми кои се актуелни, нови и недоволно истражени, наспроти застарени и веќе неприменливи. На овој начин, студентите можат да ја оддржуваат својата мотивација, преку предизвикот којшто е исправен пред нив – да дојдат до нови вистини и да чувствуваат дека времето поминато во академските клупи е време вложено во квалитетно знаење и истражување. Дополнително, правилен начин на мерење на знаењето е исто толку важно.

Спој од теоретското оценување во форма на испит и практичен дел каде што според природата на материјата тоа е достапно, ја прави целокупната слика за знаењето во дадена област. За крај, убаво е да има континуирано следење на развојот на студентите, поголема поддршка од страна на државата и самите факултети, во форма на награди и признанија коишто претставуваат дополнителен мотив за нови научни достигнувања. Од друга страна, не помалку важна е и средината во која се наоѓаме. Само компетитивна средина со умови желни за вистинско знаење претставува поле за постојан напредок и успех во кариерата.