Отвораме гимназии и факултети како продавници за скијачка опрема во пустина - алармира професорката Алексиќ

Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ со став околу образовниот систем во земјава и општата состојба во земјава поради која има се помал број на ученици во школските клупи. 

- Секој почеток на прво или второ полугодие е со сѐ помал број ученици, кои вообичаено ротираат од школо во школо, а невообичаено масовно се школуваат во странство. Исчезнуваат по цели одделенија! - констатира таа во својата фејсбук објава и додава: 

- Отвораме гимназии и факултети како продавници за скијачка опрема во пустина. 

Ви го пренесуваме во целост ставот на професорката Алексиќ која секогаш е гласна и јасна за поправедно општество во кое ќе има вредности: 

- Образован човек не престанува да учи и да се образува цел живот, без оглед колку дипломи и вокации има. Образован човек не се срами да каже ,,не знам" и го учи тоа што не го знае. Сократовски знае дека ништо не знае, без оглед на стекнатите дипломи и материјални добра. Никогаш не се перчи со дипломи, ниту ги омаловажува оние кои ги немаат. И да, образован човек тежнее кон чист образ. Македонија скапо ја чини необразовното образование, насилната стратегија за диплома по секоја, па и под цена... Квалитетот е загрозен од квантитетот, камуфлиран под разнозаразни договори, процентуална застапеност, партиска полтронерија, непотизам и корупција. Секој почеток на прво или второ полугодие е со сѐ помал број ученици, кои вообичаено ротираат од школо во школо, а невообичаено масовно се школуваат во странство. Исчезнуваат по цели одделенија! Отвораме гимназии и факултети како продавници за скијачка опрема во пустина. Пусто ни остана образованието, образите црвени од срам... Впрочем, како кому, кој каков образ има, така и реагира.