„Крпен живот“ на рати - граѓаните се повеќе излез бараат во задолжувањата

Сиромаштијата принудува голем број граѓани во Македонија да користат кредити за основни животни потреби, велат експертите. Тие предупредуваат: презадолженоста се заканува да ја втурне земјата во социоекономски проблеми.

Дури 23,8 отсто од четиричлените домаќинства составени од двајца возрасни и две издржувани деца живеат во сиромаштија. Ова се и веќе застарени, поточно надминати бројки, со оглед на состојбата во 2012 и 2013 година, која не е опфатена со најновите статистички податоци. Според податоците на европската статистичка служба Евростат, Македонија е трета најсиромашна земја во Европа. 

Медиумите во државата пишуваат сѐ позачестено дека нејзините граѓани се задолжуваат сѐ повеќе за да преживеат, оти, ако можат, посегнуваат по потрошувачките кредити и кредитните картички не за да купат автомобили, станови и разни недвижности, туку за да обезбедат пари за храна, за плаќање на сметки за струја и комуналните услуги, како и за дргите основни животни потреби.

Граѓаните треба да не наседнуваат на многуте широки понуди, кои им ги даваат банките: и кога немаш пари – да имаш пари. Треба да се поттикне внимателноста на граѓаните, да се зголеми нивната едуцираност во врска со ова. Но, факт е и тоа дека примањата се ниски, а луѓето имаат поширока лепеза на потреби. Тие мислат дека ќе ја ’затворат’ таа лепеза преку кредитните картички и со разните видови кредити, за кои им се нудат поволности. Сево ова ги води во ’маѓепсаниот круг’, а кога ќе се влезе во него, потоа нема излегување. Сега луѓето одат од една банка и подигнуваат пари и ги внесуваат во друга банка, одат во друг банкомат и подигнуваат пари ... Тие треба да си направат сметка пред да појдат во банка: колку пари имаат и колку заработуваат, толку кредит да подигнат. За да не се доведуваат во безизлез: долгот да им расте постојано и да плаќаат камати, а кога нема да можат да плаќаат потоа да имаат работа со судот, со извршителите... Банките ќе си го наплатат долгот кога – тогаш. Кога ќе дојдат извршителите, тогаш нема милост. Кога ќе се случат блокадите на сметките во банките, тогаш нема милост.

-По 18 години работа во јавно претпријатие го загубив работното место не по моја вина. Дома сме четири членови, а единствениот редовен месечен приход се оние 200 евра од мојата вработена сопруга. Со кои пари ќе се прехрануваме, со кои пари ќе го финансирам синот, студент во Скопје, со кои пари ќе ја плаќам грамадата сметки? Јас не се жалам сѐ додека вака ме служи здравјето и додека ќе наоѓам работа како мајстор. Ама, пари веќе со години недостасуваат и тоа сѐ повеќе. Затоа земам кредити од банките, да се ’закрпиме’. Во минатите години месечно сум плаќал и од 700 до илјада евра месечно за земените кредити и за ’испразнетите“ кредитни картички. Со кои пари ќе го исшколував едниот син, со кои пари ќе му направев свадба? Сега на ред е ќерката, студентка. Во последнава една и пол година плаќам ’само' околу 400 евра месечно за два кредита и една кредитна картичка. Навремено, уредно и засега без проблеми. Навистина, каматите жив ме ’изедоа’, ама не се плашам и ќе работам секаде каде што ќе можам, раскажува Раде од Скопје.