Ковачевски за Универзална сала: Се обидуваме да ја направиме, но Град Скопје нема слух

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со реконструкцијата на Универзална сала и предавање на ингеренциите за проектот премиерот Димитар Ковачевски денеска од Прилеп кажа дека Владата е спремна да ја почне обновата, но дека Град Скопје нема слух.

„Ние се обидуваме во Скопје да ја направиме Универзална сала, но досега нема слух од Градот Скопје. Градот Скопје е напуштен град, град без управа. Пред две години ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе имаме европски град и дека ќе добиеме мајка на градот која заедно со нив ќе го унапреди градот, дека ќе имаме бесплатен автобуски превоз, електрични автобуси, сообраќајници и мостови. Ако дојдете во Скопје ќе видете дека нема ништо од тоа“, истакна Ковачевски.

Ние како Влада дополни тој сакаме да помогнеме и понудивме помош за некои големи проекти.

„Но советниците од ВМРО-ДПМНЕ немаат слух“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при посета на Центарот за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи во Прилеп.

Граѓаните, како што рече, гледаат едно големо ништо во општините.

„И сметам дека и на изборите кои се во 2025 година и таму ќе ја видите разликата кога градовите повторно ќе бидат водени од СДСМ и кога ќе имаме напредок во сите сфери, рече Ковачевски“.