Кога пријателството умира: Како да знаеме дека е крај?

Дали вашето пријателство навистина е завршено или само погрешно го протолкувавте тоа?  

Photo by Roberto Nickson on Unsplash

Овие 5 работи ќе ви покажат дека можеби губите некоја личност во вашиот живот.

Секој кој има најдобар пријател знае дека тие се како наше семејство. Понекогаш можеме да бидеме повеќе поврзани со некој со кој не сме крвно поврзани, отколку со личност која ни е дел од семејството. 

Во некои ситуации тие се нашиот глас на разумот, поддршка, рамо за плачење, соучесници за разни лудории и радосни моменти. Секој што има вистински пријател е богат човек. Меѓутоа, постојат различни околности кога луѓето се оддалечуваат поради различни животни патишта. 

Ако се чувствувате како пријателот да се оддалечува или како пријателството тоне, експертите посочуваат дека треба да внимавате на овие 5 знаци.

Постојано се договарате да се видите, но никогаш не успевате во тоа

Кога постојано се договарате и никогаш не се гледате, тоа може да биде еден вид аларм, особено ако сте блиски пријатели. Пред да избрзате со какви било заклучоци, разговарајте за проблемот,  бидејќи не мора да значи дека се работи за вас. Може да се случи некој да има некој проблем, тешка животна ситуација која ја задржал за себе или едноставно да е во фаза кога преферира да се оддалечи од другите или да помине време дома. Направете напор околу личноста за која се грижите, покажете трпение и почит. Меѓутоа, ако таа не сака да ве види затоа што не и е грижа, во тој случај време е да се откажете од пријателството.

Не споделувате информации за важните настани и ситуации во вашиот живот

Повеќето од нашите животни активности ги споделуваме со нашите пријатели. Ако сте забележале дека не чувствувате потреба да му кажете на пријателот дека добивте унапредување или да го поканите на вашиот роденден, тогаш нешто не е во ред. И обратно. Потрудете се да дознаете зошто врската меѓу вас е заладена и која е причината зошто не се споделуваат овие информации.

Се чувствувате осамено

До неодамна постојано се слушавте и се гледавте, но наеднаш тоа се смени. Ако се слушате поретко од вообичаено и ако се чувствувате осамено, запрашајте се која е причината. Дали можеби вие придонесовте за тоа? Можеби неодамна личноста имала многу проблеми и обврски, а вие тоа го сфативте како дистанцирање, па уште повеќе се повлековте во себе. Не дозволувајте недоразбирањето да ви ја уништи поврзаноста, разговарајте за тоа.

Комуникацијата е тешка, па дури и непостоечка

Ако вашата комуникација се одвива на површно ниво, без никаква длабочина, тоа може да биде знак дека нешто не е во ред, особено ако забележите дека целосно сте престанале да зборувате. Едно решение за обновување на вашата врска е да се обидете повторно да се поврзете емотивно со заедничко излегување и посета на некои некои активности.

Промена на животниот стил

Различните погледи на животот понекогаш можат да создадат  разидувања во врската. Меѓутоа, сите се менуваме од ден на ден, обликувани сме од околината како и од разни надворешни фактори. Природно е да бидеме различни во различни периоди од животот. Наместо да ве отуѓи, видете дали разликата ве зближува покажувајќи интерес за нивните идеи и новини во животот. Дајте им поддршка на пријателите кои минуваат низ фаза на трансформација.