Ќе паднат ли конечно цените на становите во Скопје?

Пад на цената на становите во Скопје во периодот јули – септември 2015 година. Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во најновиот Квартален извештај констатира дека по забавувањето на растот на цените во вториот квартал, забележано е намалување на индексот на цените на становите во третиот квартал од годинава.

Во третото тримесечје е забележан пад на индексот на цената на становите од 0,8% на квартална основа, како и пад од 3,5% на годишна основа. „Ваквото движење на цената соодветствува со оцените за привремен карактер на растот забележан во претходните два квартала во услови на постојат раст на понудата на пазарот на недвижности во изминатиот неколкугодишен период“, појаснуваат од централната банка.

Збирната вредност на станбените згради изведени во периодот 2011 – 2015 година (втор квартал од годината) е повисока за 68,4% од вредноста во периодот 2007 – 2010 година, а слична динамика покажуваат и податоците за одобренијата за високоградба. Во поглед на побарувачката на станови, постојаниот солиден раст на станбените кредити продолжи и во третиот квартал од 2015 година, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката.

НБРМ ја пресметува цената на становите во главниот град според хедоничкиот индекс, изготвен врз база на огласите за продажба во Скопје, кои се објавени од агенциите што се занимаваат со промет со недвижности.

Во соработка со Build.mk